Tags: , ,
Opel Monterey (1992-1999) – фото галерија

Поголемиот брат на Frontera кој остана во нејзината сенка

» Удобно патничко или робусно теренско возило – сé до осумдесеттите години купувачите на европско тло го имаа само тој избор. Ситуацијата се промени 1991-вата со доаѓањето на Opel Frontera, која како рекреациско возило како што беше наречена го комбинираше најдоброто од двата света, и тоа со огромен успех. Но германскиот производител отиде чекор понатаму и наредната 1992-ра ја прошири понудата кон повисок сегмент со претставувањето на Monterey кој како покапацитивно теренско возило повеќе беше насочен кон off-road пазарот. Моделот на кој ретки ќе се сетат комбинираше сосема привлечна каросерија, теренски способности, високо ниво на удобност и многу простор. Како и Frontera и тој настана како резултат на соработката на General Motors со јапонскиот Isuzu кој го отстапи својот модел Trooper и го произведуваше Monterey во Јапонија.

Скроен како за европскиот пазар каде се појавуваа сигнали за пораст на побарувачка на возила со голема функционалност, Monterey беше достапен во две каросериски верзии, со кратко меѓуоскино растојание, три врати и четири седишта и долго меѓуоскино растојание, пет врати и пет или седум седишта. Високата позиција на седење на возачот му обезбедуваше добра видливост а на патниците издашен простор за главите и нозете. Плус на тоа, со преклопени задни седишта волуменот на багажникот нараснуваше на 2.548 литри. Беше конструиран за сите потреби – удобен на асфалт, робусен на терен а можеше да влече приколка тешка 2.600 kg. Независното предно ослонување имаше двојни попречни рамења, а назад беше крута оска со надолжни водилки и прогресивни спирални пружини. Теренското користење беше овозможено со цврстата  конструкција на сите релевантни делови. Одот на пружините од 205 милиметри напред и 230 назад обезбедуваше Monterey да може со леснотија да совлада тешки терени. Редукторот му овозможуваше да се справи со нагиби до 76 отсто, а излетите надвор од уредените патишта ги гарантираа големите пристапни агли.

При лансирањето изборот на погонски склопови беше возможен меѓу голем но слаб четирицилиндричен дизел од 3,1 литри со 114 KS и 3,2 литарски V6 бензинец со 177 KS. И покрај недоволно високата продажба се задржа во понудата на Opel до 1999 година, после што Isuzu продолжи да го продава под своите ознаки со 2003-тата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *