Наточивте погрешно гориво?

Погрешно гориво – многу главоболки

» Како прво што мора да знаете е дека ако во дизел сте ставиле бензин е стопати полошо отколку спротивно. Немојте ни случајно да го стартувате, бидејќи штетата што ќе ја направите ќе биде поголема од вредноста на целиот автомобил. Веднаш викнете некој сервисер на кој му верувајте, посебно ако сте забележале дека сте наточиле погрешно гориво откако сте тргнале, а моторот сам се изгаснал.

Јасно е дека кога се точи гориво треба да се внимава, но лесно може да се случи да  се згреши, посебно ако возачот често ги менува автомобилите. Во тој случај прва превентива треба да биде да се погледне на капачето од резервоарот. Но на тоа, посебно кога изморени се враќаме дома после напорен ден, не секогаш ќе се сетиме. Што ќе се случи ако наточиме погрешно гориво?

Ако во бензински мотор место 95 ставиме 98 или обратно, ништо страшно. Секој современ мотор сам се прилагодува на октанската вредност на горивото, а и да не е таков, нема да има некоја штета. Проблем е ако во дизел ставите бензин – обратно е практично невозможно бидејќи пиштолот за дизел има поголем дијаметар на цевката. Тогаш е важно грешката што порано да се открие. Ако веднаш се забележи, после само неколку литри, постои прва помош – купете половина или литар двотактол, сипете го во резервоарот и дополнете го до крај со дизел. Обратно пак, ако во бензински автомобил сте ставиле само неколку литри дизел, дополнете со бензин и слободно продолжете. Во еден или друг случај, откако ќе потрошите околу десет литри гориво, повторно досипете до врв, овој пат од она гориво кое треба.

Ако пак погрешното гориво сте го налеале до крај, тогаш проблемот е посложен, посебно ако го сфатите тоа откако ќе го стартувате моторот. Тогаш кај бензинците по правило нема да настане некоја штета, но кај дизелите е сериозно, особено ако моторот почне да трокира или сам да се изгаси. Тогаш не импровизирајте – задолжително повикајте помош од стручњаци. Ништо не се обидувајте сами да направите. Имено, дизелското гориво во вториот такт со големиот степен на компресија постигнува значително повисоки температури и притисоци, па ако место него се ставиле бензин тој започнува неконтролирано да детонира и може да ги уништи клиповите, главата, прстените и цилиндрите. Слаба утеха е тоа дека секој современ дизел е опремен со електронски модул кој препознава дека дошло до тоа и го гаси моторот – дотогаш штетата веќе е настаната. А таа може да биде и на пумпата за висок притисок и бризгалките бидејќи се подмачкуваат со горивото, а бензинот има значително полоша мазивост од дизелот. Значи, тотален ремонт или замена на моторот.

Тоа што мора да се направи е да се испумпа целото гориво, не само од резервоарот туку и од системот за вбризгување, што не можете само да го направите, посебно не на бензинска пумпа каде  заради опасност од пожар е премногу ризично да испуштате гориво. Тоа се прави на тој начин што  прво се вади целото гориво од резервоарот, па потоа се исклучува приклучокот за доток на гориво кон пумпата за гориво што се отстранува и преостанатото гориво во водовите, филтерот, пумпата за висок притисок и бризгалките. Целата процедура нималку не е едноставна и бара стручно познавање, најчесто со посебна пумпа која обезбедува доволен притисок да се исфрли целото гориво од системот. Цената на овој зафат, зависно од автомобилот, не е мала – може да се движи од 50 до 500 евра, плус трошоците за погрешното горивото и шлепањето на возилото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *