Tags:
Досие горива: Нафтата нема наскоро да пресуши, а замена веќе постои

Што требаше да донесе еволуцијата?

» На само еден чекор пред официјализацијата на забраната за производство и продажба на возила со мотори со внатрешно согорување во Европската Унија од 2035 година, дојде до нејзино ублажување. Иако работата ни оддалеку не е завршена, извесно е дека моторите со внатрешно согорување ќе преживеат но само ако работат на синтетички горива. Но што ќе беше да не се вмешаше политиката во еколошките прашања и да се оставеше авто-индустријата еволутивно да ги развива погонските алтернативи на фосилните горива?

Пред струјата да стане доминантен збор во плановите за иднина, постоеја (и сé уште постојат, но големо прашање е уште колку долго) неколку извесни алтернативи на нафтата како енергенс за погон на автомобилите. Најстарата и нашироко доста добро позната замена за бензинот е течниот нафтен гас кој е мешавина на пропан и бутан. Се добива со рафинирање на сурова нафта и при согорувањето во споредба со бензинот испушта за 15 отсто помалку јагленород диоксид. Во некои земји е раширена употребата на компримираниот природен гас кој главно се состои од метан. Го има во огромни количини, многу поголеми отколку што се трошат – само неискористениот гас кој на нафтните наоѓалишта се гори или испушта во атмосферата ќе биде доволен за погон на сите автомобили во Европа. Чистотата со која согорува зависи од изворот од каде се добива, но генерално испушта за околу 30 отсто помалку јагленород диоксид.

Едно време доста актуелни, биогоривата не успеаја подлабоко да се пробијат за погон на возилата. Се добиваат од земјоделски култури, а важат за скоро сто отсто климатски неутрални, односно количината на јагленород диоксид која настанува со нивно согорување во моторите приближно е еднаква на количината која ја апсорбираат растенијата при нивното одгледување. Во развиените земји фосилните горива се мешаат со одреден мал процент биогорива, биодизел и етанол, без обврска тоа да се специфицира при нивното продавање. Поретки се регионите каде за погон на возилата се користат чисти биогорива, бидејќи моторите мора да се прилагодат на нив.

За крај, тука е водородот кој сигурно ќе ја преживее електричната транзиција. Може да се користи на два начина, како погонско гориво во моторите со внатрешно согорување и во системот горивни ќелии кои произведуваат струја за задвижување на возилата. Тој е најчист енергенс, кој за жал, се добива со голема потрошувачка на енергија. Технолошки гледано, неговата помасовна примена е со децении далеку.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *