Tags:
Зимски пневматици – дали мора да се променат?

На зима со зимски, на лето со летни пневматици

» Од 15 март во Македонија повеќе не е задолжителна употребата на зимска опрема на возилата во сообраќајот, но некои возачи сепак не ги менуваат зимските со летни пневматици. Додека законот јасно предвидува дека на зима задолжително треба да се користи зимска опрема во која се вклучени и зимските пневматици, не вели ништо дали на лето мора да се вози со летни или може и со зимски пневматици. Но сите стручњаци советуваат на зима да се употребуваат зимски а на лето летни пневматици истакнувајќи дека при повисоки температури тие гарантираат поголема безбедност, подобрена управливост и помала потрошувачка на гориво. Со правилниот избор на пневматиците и соодветната грижа за нив значително се влијае на својата и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Затоа, без оглед на километражата што ја поминуваме, со доаѓањето на потоплите денови треба да преминеме на летни пневматици а зимските правилно да ги складираме до наредната сезона.

Пневматиците си имаат свое време, како што и називот им кажува. И летните и зимските пневматици со разликите на надворешната конструкција и во составот на материјалите од кои се направени наменски се прилагодени за возење во одредени временски услови. Зимските пневматици на газечката површина имаат дополнителни ламели кои обезбедуваат подобро прилепување на снег и мраз, додека пак летните имаат поголеми и покрути блокови кои во свиоците и при свртување помалку се свиваат. Тој концепт на пневматиците обезбедува подобро лежење и пократок пат на кочење, кои во критични ситуации може да бидат од одлучувачко значење. Разликата во должината на патот на запирање од брзина од 100 километри на час меѓу зимските и летните пневматици на температури над 15 степени целзиусови  може да изнесува и до седум метри, што е меѓу 15 и 20 отсто. Имено, зимските пневматици заради поголемиот процент додадена силика се помеки од летните и од нив подобро се однесуваат на температури до седум степени целзиусови. Но на лето тие започнуваат да се прегреваат и стврднуваат губејќи ги своите карактеристики, а истовремено во споредба со летните пневматици значително се зголемуваат и нивното трошење и потрошувачката на гориво. За зимските пневматици да ги задржат своите својства до наредната сезона клучно е и правилно да бидат складирани. Тие треба да се чуваат на темно, суво и студено место. Ако се монтирани на тркалата тогаш заедно со нив треба да бидат закачени на носачи или најмногу четири наредени еден врз друг, додека демонтирани можат да се чуваат и во исправена положба.

Во ваква дискусија секогаш само по себе се наметнува прашањето што е со целогодишните all-season пневматици? Тие номинално се наменети за употреба во текот на целата година и во сите временски прилики, но сфатете го тоа доста условно. Тие се своевиден компромис што во пракса значи дека во вистинските зимски услови ги немаат карактеристиките на зимските пневматици и соодветно во летни услови не се еднакво добри како летните пневматици, иако сите ние би очекувале да биде обратно. Накратко, не се добра препорака.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *