Tags: ,
Застрашувачки поуки или досие без поука (видео)

Виновен е и човекот, а не само природата

» Сцените што деновиве ги гледаме од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија се застрашувачки. Природата знае да биде немилосрдна, но дали само таа е виновна? Стручњаците се согласни дека земјотрес не може да се предвиди ама последиците од него би биле далеку помали кога би се почитувале стандардите за градење и одржување на веќе изграденото. Од аспект на тоа ќе се осврнеме на катастрофалните настани кои не се предизвикани од природата туку од немарноста на човекот, како што беше рушењето на мостот Моранди во Џенова летото пред пет години кое однесе во смрт 43 луѓе. Ако се извлече поука тогаш таа би била едноставна – колку и да се квалитетно изведени, на сите градби им треба редовно одржување. Посебно на сообраќајната инфраструктура која заради оптоварувањето е критична бидејќи со занемарување на одржувањето и без санирања доаѓа до оштетувања на структурата по што веќе не се можни поправки туку рушење и нанова изградба.

За ваков колапс да не се случи, потребна е стручна и темелна анализа на состојбата на носечката структура на објектите прво визуелно, потоа со недеструктивни па со контролирани деструктивни тестирања со цел обавување на бороскопски прегледи и механичко испитување и хемиска анализа на бетонот и челичната арматура врз основа на кои ќе се утврди состојбата на градбата – дали да се санира или во најлош случај, веднаш да се затвори и контролирано да се сруши ако за санација е предоцна. Таа е можна кога настануваат првите оштетувања, во спротивно штетата се мултиплицира и после некое време градбата е загубена. Во случај на мостовите ситуација е доста полоша и посложена. Тие се и статички и динамички високооптоварени објекти преку кои со текот на неколку децении колку што се проектирани да траат, прометот и сите оптоварувања се умножуваат. Заради тоа и заради структурно-хемиските промени започнуваат процеси на заморување и деградирање на материјалот, кои се манифестираат со иницијални пукнатини кои се шират.

Тогаш започнува спиралата од која нема излез – ако пукнатините не се санираат веднаш, во нив навлегува вода која при ниски температури смрзнува и со тоа ја разорува структурата. Покрај тоа, низ пукнатините длабоко навлегува и агресивната солна киселина која настанува со топење на солта со која се посипува коловозот. А како што знаеме, мостовите се критични места за создавање голомразица и тие се посипуваат поинтензивно од останатите делови на сообраќајниците. Оваа киселина предизвикува интензивно кородирање на челичната арматура која е носечка структура на армирано-бетонската конструкција и го забрзува деградирањето на бетонот.

Можни се три сценарија. Првото и единствено исправно е со редовни прегледи, одржување и санации објектот да се држи во проектираната состојба. Таков пример е мостот Голден Гејт во Сан Франциско, на кој процесот на одржување и поправање трае непрекинато – работниците започнуваат од еден крај, а кога ќе стигнат до другиот се враќаат на почеток и така повторно… Другото сценарио е кога заради интензивна дотраеност и последователни оштетувања заради лошо одржување и нестручни, задоцнети или никакви санирања, поправката е можна но не и исплатлива – поисплатливо е објектот да се сруши и да се изгради нов. Третото сценарио е најлошо – кога и покрај најголема стручност и одговорност квалитетната санација техничко-технолошки повеќе не е можна, таа не е ни дозволива. Во секој случај, лошото одржување и одложувањето на санациите ги зголемува трошоците и проблемите. Заради сето наведено важно е одржувањето да биде редовно, навремено и квалитетно и пред секоја зима со катран да се затворат пукнатините на асфалтот, односно санираат оштетените зони.

За крај да споменеме дека новиот мост во Џенова место срушениот беше изграден за само 461 ден, и тоа среде корона кризата. Пред официјално да биде отворен за сообраќај беше тестиран со бавно поминување на 56 преполни камиони влекачи преку него, со проценета вкупна тежина од 2.500 тони. Во видеото може да видите како тоа изгледаше.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *