Tags: , ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>12 ноември 1949 година

Раѓањето на една легенда

» Економијата на Европа која се опоравуваше после втората светска војна имаше насушна потреба од комерцијални возила, кои во тој момент скоро никој не ги произведуваше. Заслужен за настанувањето на легендарниот комби на Volkswagen е холандскиот импортер на марката, кој за време на една своја посета на фабриката во 1946 година видел рачно склепано индустриско возило со кое работниците пренесувале материјали. Тоа не било ништо друго освен една метална платформа на тркала и мотор, управувач и седиште за возачот сместени назад. Кога се вратил дома мудриот Холанѓанец направил скица на доставно возило во која командите се сместени скроз напред а сé назад до моторот е наменето за товар.

Во прво време во Volkswagen биле презафатени со производството на Буба и не обрнале многу внимание, но не поминало долго време за да го сфатат потенцијалот на едно вакво возило. Инженерите за само три месеци го направиле првиот прототип, но тој бил катастрофален – имал коефициент на отпор на воздухот од 0,75 заради што моторот од Буба едноставно бил преслаб да го движи. За да го подобрат бил искористен воздушниот тунел на техничкиот универзитет во Брауншвајг, по што главно со поделеното ветробранско стакло и корегираниот покрив му ја подобриле аеродинамиката на 0,45, со што потрошувачката се намалила за два литра гориво на сто километри.

Производство на возилото официјално наречено Typ 2 беше одобрено пролетта 1949-та, а комбито за прв пат на новинарите е покажано на денешен ден истата година. Сериското производство е започнато во март наредната година, а на почетокот во понуда биле само две верзии – фургон и комби со 8 седишта. Неговите 25 коњски сили го дотерувале до 80 километри на час, а во просторот за товар од 4,6 кубни метри можел да превезе 750 килограми. Освен овие карактеристики за неговиот успех придонесе и постојаното еволуирање на моделот и додавањето нови варијанти, токму онака како што пазарот бараше. На почетокот се произведуваше во главната фабрика на Volkswagen во Волфсбург, а од 1956 година во новите погони во Хановер направени за него. Паралелно, од 1953 година започна да се произведува и во Бразил, каде остана во програмата и кога во 1967 година во Германија беше заменет со поновата Т2 генерација. Во 1975 година бразилското издание од неа го презеде предниот дел и нешто малку од механиката, додека телото назад остана исто сé до целосна трансформација во Т2 која конечно се случи во 1997 година. Во Германија се произведени 1,8 милиони примероци, а во Бразил заради мешањето на генерациите бројката не може точно да се одреди.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *