Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>14 јуни 1953 година

Пијани до победата

» Официјално приказнава важи за урбан мит, но сите веруваат дека е вистина – возачкото дуо Хамилтон-Рот на денешен ден 1953 година на бизарен начин стигна до победата на трката 24 часа Леман. Имено, за време на квалификациите тимот на Jaguar за кој тие како трет екипаж се натпреваруваа направи банална процедурална грешка и додека нивниот болид беше на патеката го пуштија и резервниот болид за резервниот возач да постигне некакво време за секој случај ако треба да се вклучи во трката, но превидоа дека тој го има истиот стартен број 18 како и болидот на Данкан Хамилтон и Тони Ролт. Ferrari ги обвини дека мамат и организацискиот комитет на трката ги дисквалификува. Разочарани, младите и тогаш неафирмирани англиски возачи чиј болид како што се покажа подоцна неслучајно беше најбрз на квалификациите, решија тагата да ја утопат во алкохол.

Така, додека тие локаа во една крчма во близина на патеката, тимот поднесе жалба признавајќи ја својата ненамерна грешка, без многу надеж дека строгите и нималку флексибилни судии ќе им ја уважат. Но се случи и тоа – утрото на денот на трката кога стигна одлуката дека казната им е преиначена во парична и дека сепак ќе настапат, членовите на тимот ги пронајдоа Хамилтон и Рот како после цела ноќ пијанство се трезнат со големи количини кафе. Двајцата млади Англичани на секој начин се обидоа да се изборат со епохалниот мамурлак, на крај успевајќи да го победат со двојно бренди. Такви какви што беа стартуваа, а како трката течеше така стануваше јасно дека нивниот C-Type иако не беше најбрз имаше најмалку проблеми и ја поведоа трката. На крај се покажа дека диск сопирачките кои Jaguar единствен ги имаше беа пресудни во битката со Ferrari чии болиди беа значително посилни и побрзи на рамните делови на патеката. Така, после тешки 24 часа, со предност од четири круга прв низ целта помина Хамилтон возејќи ја скоро целата своја последна рунда со скршени ветробранско стакло и нос заради сударот со една несреќна птица.

Се разбира, освен што расположението беше радикално поинакво, начинот на кој јунаците ја прославија победата не се претерано разликуваше од претходната ноќ…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *