Тетрапак Ferrari, на основа на Tipo
» Без некоја посебна пазарна провокација Fiat на почетокот на ’90-тите години започна да развива мало спортско купе. За задачата со свои визии конкурираа Крис Бенгл кој тогаш работејќи за италијанската марка сé уште се докажуваше и далеку попознатото и реномирано студио Pininfarina. Од оваа гледна точка можеби е изненадување што победи идејата на подоцна контроверзниот американски дизајнер, но тој во својот поларизирачки дизајн успеа да долови повеќе важни моменти комбинирајќи ги италијанскиот и американскиот стил од тоа време. За утеха Pininfarina ја направи внатрешноста и го организираше производството користејќи ја платформата на Tipo. Во поголем дел неприлагодена на спортскиот карактер на малото купе, таа го осакати со „конфекциски“ карактеристики – повеќе шминка и помалку возни својства, што донекаде беше неутрализирано со моќните мотори. Тие заедно со изгледот сепак му даваа предизвикувачка и возбудлива црта која надвладуваше над сите негови недостатоци, посебно што во тоа време такви нешта се сметаа нормални за италијанските возила кои доаѓаа од големосериските производители.
Неинвентивно наречен Coupe, новиот модел навистина изгледаше како смален и евтин Ferrari. Спортскиот стил го нагласуваа и Recaro седиштата, а во основната дволитарска верзија со 139 коњски сили фаќаше стотка за 9,2 секунди и постигнуваше максимални 208 km/h. Повеќе од доволно, би рекле, но не и за Италијанците – уште на почетокот беше достапна и турбо верзија која од истиот мотор извлекуваше 190 коњи, забрзуваше до 100 km/h за 7,5 секунди и постигнуваше 230 km/h. Моторната понуда подоцна беше проширена со 1,8 литарски мотор со 131 KS, а дволитарските верзии добија нов петцилиндричен агрегат со 147 во атмосферската и 220 коњски сили во турбо изведбата. Со последно наведената навистина немаше шега бидејќи забрзуваше до 100 km/h за 6,3 секунди и постигнуваше цели 250 km/h, а имаше и самоблокирачки диференцијал и Brembo сопирачки.
Сепак и покрај сé, за седум години, од 1993-тата до 2000-рата, беа произведени за некои добри но реално слаби 72.762 примероци, по што Fiat го прати во пензија без наследник.