Tags:
BelAZ 75710

Најголемиот дампер на светот

» Дамперите како машини на тркала сами по себе се големи, но покрај BelAZ 75710, зборот „голем“ го губи своето значење. Едноставно, овој збор премногу е „мал“ за да служи како атрибут на најголемиот дампер на светот, металниот мастодон кој доаѓа од белорускиот производител кој од своето основање во 1948 година до денес има произведено преку 120.000 тешки градежни машини и индустриски возила. Колку да го илустрираме значењето на белорускиот автомобилски завод, освен дека од неговите погони има излезено секој трет дампер во светот, ќе кажеме уште и дека градот Жодино во близината на Минск, каде е седиштето на компанијата, е изграден во 1963 година за потребите на фабриката, каде работат 11.000 од неговите 62 илјади жители.

За овој дампер Белорусите не се многу зборливи. Не ни треба – сликите на кои се гледа дека неговите тркала се двојно поголеми од човечката висина кажуваат повеќе од сé, а спецификациите во кои е наведено дека е тежок 360 тони, дека има носивост од 450 тони и дека е задвижуван од два 16-цилиндрични мотора со по 65 литри работна зафатнина и вкупно 4.600 KS и 18.626 Nm, кои можат да го потераат до брзина од 64 km/h, само го дополнуваат тоа. Сепак, нема да ви останеме должни и ќе ви кажеме дека е долг 20,6 метри, широк 9,75 и висок 8,17 метри, меѓуоскиното растојание му изнесува 8, а дијаметарот на вртење 39,6 метри. Конструиран е да работи во услови од -50 до +50 °C, има електромеханичка трансмисија и заеднички хидрауличен систем за системите за кипање, управување и кочење, а во корпата му собира 270 кубни метри товар. Освен што се погонски, сите четири (двојни) тркала на кои се монтирани пневматици со димензии 59/80 Р63, се и управувани. Има два резервоара за гориво од по 2.800 литри, за ладење на моторите се потребни 890 литри антифриз, а за подмачкување вкупно 538 литри масло. Најголемиот дампер на BelAZ пред него имаше носивост од 360 тони.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *