Tags: , ,
Mazda RX-8: Последниот Мохиканец (видео)

Цела деценија пауза без ванкел автомобил на пазарот

» Откако сите други се откажаа, Mazda остана единствен производител кој вградуваше ванкел мотори, а RX-8 последен модел. Но под притисок на сé построгите норми за издувните гасови и овој спортист мораше да биде пензиониран, оставајќи го пазарот цела деценија без ванкел автомобил. И покрај инаетливата упорност на Јапонците да ја одржат технологијата жива, дека тоа ќе се случи стана јасно во 2010-тата кога Mazda мораше да ја прекине продажбата на RX-8 најпрво на германскиот пазар, а потоа и низ цела Европа. Тоа пак предизвика домино-ефект бидејќи заради намалениот обем на продажба не можеше да се оправда постоењето на овој модел – во јуни 2012-тата тој престана да се произведува. Дотогаш од неговото лансирање во февруари 2003-тата беа направени 192.094 примероци.

Mazda RX-8 е специфичен спортски 2+2 купе со четири врати кои се отвораат спротивно една од друга. Последната верзија имаше двокоморен ванкел мотор со вкупна зафатнина од 1.308 кубни сантиметри и максимални 231 коњска сила. Ваквите перформанси заедно со малата тежина (само 112 килограми без течности) ќе го направеа идеален да не беа класичните недостатоци на ванкел моторите – заптивањето, пократкиот век на траење, високата потрошувачка а со тоа и преголемата количина издувни гасови.

Mazda има долга традиција на производство на автомобили задвижувани со ванкел мотор. Уште кога во 1961 година го откупи правото на користење, јапонскиот производител со голем ентузијазам работеше на усовршување и првиот сериски автомобил со ванкел мотор, моделот Cosmo Sport го здогледа светлото на денот во 1967 година, непосредно пред еднакво легендарниот NSU Ro 80. Имаше двокоморен мотор со зафатнина од еден литар и развиваше 110 коњски сили. Следеа серија други модели, кои цврсто ги издржаа ударите што ги зададе нафтената криза од седумдесеттите. Тогаш некаде и сите други се откажаа ванкел технологијата – остана само Mazda која нејзините предностите ги докажа и на спортските натпревари, меѓу кои и победата на маратонската трка 24 сата Леман во 1991 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *