Го најави пресвртот на марката
» Појавувањето на Volkswagen Golf во 1974 година го стори своето – Rekord стана подобро продаван модел на Opel отколку Kadett. Беше јасно дека мора итно да се делува и со помош на дебела финансиска инекција од General Motors се пристапи на развој на нова архитектура со преден погон и нови мотори и менувачи за неа. Спакувани во коцкастата каросерија на Kadett D, тие пристигнаа на пазарот во 1979 година.
И покрај својата традиционална настроеност, купувачите го прифатија со раширени раце. Радикалниот технолошки но и квалитативен пресврт во гамата на Opel успеа и Golf во новиот Kadett доби адекватен конкурент. На располагање беше со три и пет врати и како караван, но и во верзии со скратено задно стакло и без задна врата, односно со две и четири врати кои не можеме да ги оквалификуваме како седан бидејќи ја имаа истата силуета како и хечбекот. Од новото семејство мотори беше опремуван со 1,3 литарски агрегати со 60 и 75 KS и 1,6 литарски со 90 KS, а топ верзијата Kadett GSE со 1,8 литарски со 115 KS. На купувачите им беше на располагање и со стариот 1,2 литарски агрегат со 53 и 60 KS, а на некои пазари и со 1,0 литарски со 50 KS. Имаше и дизел, 1,6 литарски со 54 KS.
До 1984 година од Kadett беа направени 2.092.087 примероци, а се произведуваше во Германија, Белгија, Велика Британија, Југославија, Индонезија и Јужна Африка. Овој Kadett беше првиот модел на Vauxhall кој ја понесе ознаката Astra.