Tags: , ,
BMW M2: Баварско ѕверче со 460 коњи (3*видео)

Мала бројка, големи можности

» Некогаш одамна, пред половина век, BMW го имаше 2002 Turbo. Тогаш, со само 35 вработени, беше основан и M GmbH кој денес е институција. Во чест на 50-годишниот јубилеј сега се појави M2 од втората генерација. Но и да не е така, овој модел навистина е славенички – бројката му е најмала од сите М-модели но затоа има цели 460 коњи под хаубата. Основата е купе изведбата на серијата 2, но користи некои основни елементи од поголемата серија 4. Дизајнот е препознатлив со масивен спојлер со големи отвори за воздух, проширени крила и атрактивен заден дел.

Во внатрешноста возачот и совозачот ќе ги дочекаат спортски седишта, а кој сака ќе може да си доплати за нивна М изведба со интегрирани наслони за глава и перфорирани површини или пак M Carbon школкасти седишта. Дека не е сé само во спортот покажува стандардниот пакет опрема во кој се и тризонски клима уред, амбиентално осветлување и слични нешта, ама и M Drive Professional системот кој има многубројни опции вклучувајќи и M Drift анализа на пролизгувањето и M Laptimer мерење на времињата по круг.

А тој, каков и да е и каде и да е, ќе биде поминат многу брзо бидејќи трилитарскиот шестцилиндричен M TwinPower Turbo своите 550 Nm во испорачува меѓу 2.650 и 5.870 вртежи во минута со црвено поле кое започнува од 7.200 вртежи, попат забрзувајќи го баварското ѕверче до 100 на час за 4,1 а до 200 за 13,5 секунди. Кој сака место осумстепениот автоматик може да избере и шестстепен мануелен менувач, а погонот секогаш е на задните тркала. Максималната брзина е заклучена на 250 km/h, ама со купување на M Driver’s пакетот може да се отклучи на 285.

BMW M2 ќе се произведува во Мексико, а глобалниот пазарен настап ќе го започне во април идната година. Цените во Германија стартуваат од 72.800 евра а во САД од 62.200 долари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *