Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,
Независните испитувања потврдуваат

Новите дизели воопшто не емитуваат азотни оксиди

» По откривање на дизелгејт аферата речиси половина милион возила на групацијата VW завршија на буниште. Се направија огромни штети, а на столбот на срамот беше ставен дизел моторот. Сите побрзаа да дигнат раце од моторите на нафта и во своите возила да вградуваат алтернативни погони. Проблем беше емисијата на азотни оксиди (NOx) која кај дизелите е многу повисока отколку кај бензинците. Навидум нерешлив технички проблем кој започна да ги испраќа дизелите во историја.

Но, со тоа не се помирија истите тие што ги измислија и ги доведоа речиси до перфекција дизел моторите – француските и германските инженери. Независните испитувања спроведени од реномираниот ADAC можат го вратат дизел моторот на светската автомобилска сцена. Тестовите направени во реални патни услови (и WLTP процедурите се изведуваат во лабораториски услови) јасно покажаат дека постојат автомобили, конкретно Mercedes C 220d, BMW 520d и Opel Astra 1.6 D, кои испуштаат нула односно само по 1 mg/km азотни оксиди. Турбо-дизел моторот вграден во Citroen Berlingo BlueHDi 130 емитува само 7 mg/km што јасно укажува на фактот дека и француските инженери успешно го надминале проблемот. Само за потсетување, Euro 6d Temp (Euro 6.2) нормите кои важат од минатиот септември предвидуваат максимална емисија на азотни оксиди од 80 mg/km.

Тајната на минималните количини на NOx кои ги испуштаат новите дизели се претпоставува дека лежи во новиот систем на вбризгување претставен од Bosch на почетокот на 2018 година, кој гарантира максимална емисија на NOx од само 13 mg/km. Подолу е табелата на моделите и присуството на азотните оскиди во нивниот издув. За веродостојноста на резултатите, патем кажано изведени според RDE (Real Driving Emissions) условите, гарантира ADAC, најголемиот автомобилски сојуз во Германија, но всушност речиси идентични се објавените резултатите од независни британски институти.

Ваквите резултати сигурно ги имаат охрабрено и останатите производители кои водат битка со исполнување на наметнатите норми против загадувањето. Индиректно ќе профитираат и купувачите – од една страна возилата (повторно) ќе бидат со прифатливи цени, а од друга страна сите ќе дишеме воздух ослободен од штетни материи кои излегуваат од издувот на автомобилите. Гледајќи ги овие охрабрувачки резултати со олеснување можеме да извикнеме дека дизелот е спасен. Но дали маркетиншките одделенија на производителите ќе се сложат со нас, е сосема друго прашање.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *