»
Возење по магла – голем предизвик за безбедноста

Се ближат магливи денови

» Додека трепнеш есента која сé уште не дошла ќе премине во зима и снегот ќе ги изненади нашите служби. Снег, како лани, може и да нема, но маглата не ни гине, барем не во скопскиот регион. И навистина е чудно како секоја година одново се учиме да возиме по магла. Некои се престрашени и возат како „баби“, други прехрабри и летаат како луди, а најмногу од нас забораваат кога се користат задните светла за магла. Иако во магла не треба само вие да гледате, туку и другите треба да ве видат, правилото за употреба на задните светла за магла е јасно – тие се вклучуваат САМО кога зад вашето возило нема никој. Тие ќе ве заштитат од налетување на пребрзо возило од назад, но ако не ги исклучите кога не сте сами, возачот зад вас, бидејќи го заслепуваат, сигурно ќе се обиде да ве престигне притоа ризикувајќи да не забележи навреме дали доаѓа возило од спротивната насока.

Генерално, во услови на магла треба да се запомни дека причина за настанатите сообраќајни несреќи секогаш е брзината и затоа треба да се вози доста побавно, дури и кога таа не е толку густа. Секому од нас му се случило одеднаш да влета во делница со значително помала видливост, кога рефлексна реакција ни е удирањето по кочниците. А тоа е најопасното нешто во сообраќајот при магла. Причина за налетување на друго возило кое доста побавно се движи во истата насока е невниманието, но тоа може да спречи доколку возите побавно. Значи, повторно доаѓаме до брзината.

Но ни помалата брзина не може да гарантира целосна безбедност. Видливоста посебно е лоша на места каде патот е стар и слабо одржуван, без видливо обележани линии на надворешните рабови. Ако пак на такво место се движат слабо или неосветлени учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, запрежни возила, трактори…) што посебно може да се очекува во близината на руралните населени места, тогаш отворете четири очи и вклучете четири трепкачи. Можеби звучи претерано, но подобро е другите да ви се смеат отколку да не ве видат. Доколку пак мора да застанете од било која причина, тогаш четирите трепкачи се задолжителни, исто како и рефлектирачкиот елек ако излегувате од возилото. Тој се препорачува и за претходно набројаните потешко забележливи учесници во сообраќајот – пешаците, велосипедистите и сите други. Дека треба да се одржува поголемо отстојание при возењето не треба да кажуваме.

За крај, возењето со светла за магла кога нема магла или кога видливоста е намалена е казниво со 35 евра во денарска противвредност, односно 20 негативни бода.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *