Tags: , ,
Mercedes Blaues Wunder (1954)

Синото чудо на Mercedes

» Кога Mercedes одлучи да се приклучи кон формула 1 шампионатот во 1954 година, го направи тоа со стил, со моќни и напредни болиди и ангажирањето на ѕвезди како што беа Хуан Мануел Фанџо и Стирлинг Мос. Но Германците знаеја дека не е сé во спортските успеси туку и дека маркетингот има голема улога, заради што за брзо транспортирање на тркачките автомобили до патеките создадоа и специјално возило. Камиончето за шлеп-служба на нашки кажано, беше нешто сосема уникатно – покрај што фасцинираше со изгледот, перформансите му ги обезбедуваа бројните компоненти од најдобрите сериски модели од тоа време.

Така, камиончето наречено Синото чудо (на германски Blaues Wunder), каде и да се појавеше предизвикуваше сензација. Шасијата му беше презедена од луксузниот 300 S, од 180 пристигна кабината, а од 300 SL изгледот и трилитарскиот шестцилиндричен мотор за него потсмирен на 192 KS, со кои, натоварен, постигнуваше неверојатни 170 km/h.

Но на средината на 1955-тата се случи големата несреќа на 24-часовната трка Леман во која од болидот на Mercedes загинаа 84 луѓе и компанијата се повлече од сите спортски активности, со што транспортерот остана без работа. После тоа единствениот направен примерок низа години беше користен за разни испитувања, во кои во 1967-мата беше уништен. Сепак сфаќајќи ја неговата вредност како парче од историјата, во Mercedes во 1993-тата одлучија врз основа на оригиналната документација да направат негова реплика. За тоа беа потребни седум години и два милиона долари, по што еден примерок остана во музејот на фирмата, а вториот отиде во колекцијата на Џеј Лено.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *