Tags: ,
Дијамант-раскрсница (видео)

Иновативно, но едноставно решение

» Големиот проток на возила близу урбаните центри често резултира со застои во сообраќајот, кои се решаваат со замена на класичните раскрсници со кружни текови. Но тоа е успешно само кај помалите раскрсници – колку кружните текови се поголеми толку повеќе им опаѓаат проточноста на сообраќајот и безбедноста. Затоа архитектите се приморани на скапи решенија во вид на комплицирани јазли на повеќе нивоа, кои покрај долгите рокови за изградба се проблематични за одржување. Голем проблем кој некогаш е и невозможно да се надмине се евентуалните проширувања во иднина, а плус на сé ја нагрдуваат и околината.

Но сепак постои едно иновативно, но едноставно решение – таканаречената дијамант-раскрсница. Основната идеја лежи во привременото префрлање на сообраќајот на едниот пат на лева страна, со што се намалува бројот на конфликтни точки – места на кои колоните возила се сечат, односно вртењата во лево се без можност за одземање на предноста. Теоретски со овој концепт бројот на сообраќајни несреќи се намалува за една третина во однос на стандардните раскрсници, но во пракса се покажа дека овој процент е поголем. Примерот од окрузите Сарасота и Манати на Флорида каде е една од поголемите вакви раскрсници покажува намалување на несреќите за 44% – од 77 на 43 годишно, со намалување на фаталните последици за 60%. Дневно низ оваа раскрсница поминуваат околу 130.000 возила.

Голема предност е што тие може да имаат пешачки и велосипедски патеки, додека гужвите се решаваат со различниот број на коловозни ленти. Од друга страна, недостаток на ваквите раскрсници во споредба со кружните текови е тоа што мора да имаат семафори, кои сепак се со само два циклуса во однос на најмалку четирите (вообичаено шест или повеќе) кај класичните раскрсници. Дополнително, ова може да се реши и со два надвозника, но тоа значително ја поскапува цената и ја зголемува комплексноста како во изградбата, така и во можностите за идни проширувања.

Ваквите раскрсници прв пат се воведени во Франција, уште во 70-тите години. Тогаш светот не ги препозна нивните предности, за три децении подоцна тие повторно да станат актуелни, овој пат во САД. Таму денес постојат повеќе од 150 вакви раскрсници, а уште 80-тина се градат. Во минимален број (една до три) се среќаваат уште и во Канада, Данска, Малезија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Обединетите Арапски Емирати, Костарика и Австралија, а нивно воведување е во тек или се разгледува во Белгија и Литванија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *