Не претерувајте!
» Заради унапредување на возните својства и подобар изглед, една од првите модификации на секој тјуниран автомобил секако е спуштањето на ослонувањето. Но не претерувајте – на улиците среќаваме и возила кои се спуштени на само неколку сантиметри над асфалтот. Доколку е изведено како треба, спуштањето на возилото влијае на безбедноста – пониското возило има пократок пат на кочење и поголема стабилност во свиоци, но и намалена удобност.
Генерално, има три начини да се изведе тоа. Често заради ограничените финансии се менуваат само пружините кои се заменуваат со пократки и потврди. Но тоа воедно е и најнебезбедно – сериските амортизери нема долго да издржат бидејќи не се предвидени за такви услови на работа. Вториот, значително поскап начин е вградување на комплет пократки пружини со спортски амортизери. Ова веќе е посериозно и иако се ризикува со удобноста главно заради непознавање на понудата каков комплет да се избере, сепак е сосема издржано решение. Третата и најскапа опција се амортизерите на кои може да се подесува висината со што се одредуваат и нивната тврдост и удобноста на патниците.
Основната функција на пружините без оглед какви се е да ја држат каросеријата на возилото на одредено растојание од подлогата овозможувајќи ги осцилациите на ослонувањето заради ублажување на разните динамички сили. Амортизерите пак имаат улога да ги ублажат и придушат токму тие осцилации – без нив возилото ќе скока како топка. Со тоа, тие битно влијаат и на безбедноста и на удобноста. Важно е да се напомене дека при било каква модификација задолжително треба да се подеси геометријата на тркалата.