Tags: , ,
Dieselgate: VW сé уште на мака

Што се случува со Дизелгејт аферата?

» Поминаа пет години од аферата Дизелгеј, а VW сé уште e на мака – освен со казните, кривичните гонења и разните компензации на купувачите, и со нивните половина милион возила што мораше да си ги откупи назад. Имено, по изгубената судска постапка германскиот производител беше приморан од американскиот пазар да ги повлече сите возила со дизелски агрегати во кои беше вграден измамничкиот софтвер кој според наодите на американската агенција за заштита на природната средина EPA во лабораториски услови покажува многукратно помала емисија на штетни гасови, поготово на отровните азотни аксиди (NOx). И ако огромните приходи и капиталот што го има му олеснија на Volkswagen да ги ублажи последиците од високите казни, откупот на TDI возилата, нивното складирање, евентуалната репарација, и на крајот, уништување на дел од нив го ставија на големи маки. А како и не би, кога се работи за половина милион возила од моделите Golf, Jetta, Passat, Audi и други со дво и тролитарски дизел мотори?

За нив производителот закупи вкупно 37 локации распространети низ цела Америка – карго аеродроми, делови од пустината Мохаве, големи паркинзи, практично било што на кое можеа да се сместат откупените автомобили од купувачите. Од нив добар дел и денес стојат таму – на почетокот бројката се намали за само една третина од возилата кои заради економската неисплатливост за техничките интервенции (голем број поминати километри или лошата целокупна состојба), се уништени. За другите беше предвидено после техничките интервенции кои освен апдејтирање на софтверот опфаќаат и промена на DPF филтерот и вградување на нов SCR филтер, Volkswagen да може да ги продава како половни возила. Но, интересот за нив на месечно ниво се движеше меѓу 8 и 10 илјади автомобили. Затоа и покрај поминатите години и сите напори за целосно расчистување на Дизелгејт аферата, сепак остануваат уште околу 150 илјади возила кои се надеваат на својот втор живот.

Како и да е (оправдано или, пак, не), Американците го „решија“ проблемот, и тоа на подолг рок. За такво нешто Европа немаше сили да се избори, па така околу десет милиони возила под ознаките на Volkswagen, Audi, Seat, Škoda, Porsche, опремени со некогашната икона на дизелскиот свет, сé уште сообраќаат (и поприлично загадуваат) низ континентот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *