Tags: ,
Без бришачи нема безбедно возење (видео)

Мали нешта од големо значење за безбедноста

» Без бришачи тешко дека би можеле безбедно да возиме. Да не се тие не само дождот и снегот, туку и прашината и нечистотиите нема да ни овозможат добро да го видиме патот пред себе. Практично сите превозни средства кои имаат кабина – автомобилите, камионите, локомотивите, пловилата, како и некои авиони, се опремени со бришачи. Нивната конструкција е прилично едноставна, а за погон обично се користи електромотор но кај некои возила се среќава и пневматски систем. Нивната ефикасност е дополнета со прскалките за вода кои се неопходни за отстранување на нечистотиите или мразот од стаклото. Се среќаваат и возила со грејачи на ветробранското стаклото, најчесто на позицијата на која метличките стојат, а понекогаш и низ целото предно стакло. Задното стакло пак по правило секогаш е опремено со грејачи, имало бришач или не, додека некогаш порано се среќаваа автомобили со бришачи и на светлата.

Еден од најраните регистрирани патенти на бришачи на ветробранското стакло е решението на Американецот Џорџ Кејпвел од 1896 година. Останатите рани решенија се припишуваат на полскиот концертен пијанист Јожеф Хофман и на една компанија од Велика Британија која тврдеше дека го има направено првиот бришач во земјата. После нив, во 1903-тата уште најмалку тројца пронаоѓачи имаат патентирано уреди за чистење на ветробранското стакло – Мери Андерсон, Роберт Даглас и Џон Апџон, а во 1911-тата барање за заштита на патент поднесе и Британецот Гладстоун Адамс. Сепак, како прв иноватор чие име најчесто се поврзува со пронаоѓањето на бришачите е Мери Андерсон која својот патент го има наречено уред за бришење на прозорци.

Развојот на транспортот во иднината што претстоеше донесе уште низа разни решенија, а започнаа да се основаат компании специјализирани за производство на бришачи. Неминовно следеше тие да станат дел од опремата на возилата и постојано да се усовршуваат. При крајот на педесеттите за прв пат се појавија бришачи кои автоматски ќе поминат по два-три пати преку стаклото кога ќе се притисне копчето за прскалките, што беше решено со употреба на мал вакуумски цилиндар.

Своето функционирање бришачите го обавуваат со помош на електромотор и зглобна врска која го конвертира неговото ротационото вртење во движење напред-назад. Сето ова е дополнето со контролна електроника која ја исклучува и вклучува струјата кога треба. Зглобната врска е прилично едноставно механичко решение со краток брег кој се врти кога електромоторот работи и е поврзан со полуга која поместувајќи се напред-назад ги движи бришачите преку стаклото. Целиот систем кај автомобилите е проектиран да издржи милиони поместувања во текот на својот животен циклус.

Метличките пак се со пократок рок на траење. Кога се нови, на гумата нема пукнатини и водата се отстранува од стаклото без оставање траги. Со текот на времето како метличките се трошат и стареат, така на нив се појавуваат оштетувања и таложења на нечистотии на рабовите, предизвикувајќи наместа тие да немаат квалитетен контакт со стаклото за да можат целосно да го избришат. Уште една важна работа претставува рамномерниот притисок долж целата метличка што се остварува со нивно поврзување на раката со помош на механичко решение како крошна на дрво со повеќе разгранувања. Поголем дел автомобилите имаат по два бришача кои се движат во иста насока, таканаречен тандем систем. Решенијата со еден бришач или пак со два кои се движат спротивно еден на друг се поретки.

Брзината со која бришачите работат треба да е променлива за да се обезбеди добро чистење на стаклото во сите временски услови. Автоматските бришачи кои сами се вклучуваат и работат со брзина на која се најефикасни не се ново решение, иако денес го немаат сите автомобили. Тие работат со помош на сензор за дожд кој користи оптички сензор поставен на внатрешната страна на ветробранското стакло блиску до ретровизорот, кој кога ќе детектира капки дожд на стаклото праќа сигнал до електрониката да ги вклучи бришачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *