Tags: ,
Mercedes Sprinter

Комби икона

» Инженерите на Mercedes во 1995 година беа ставени на голем испит. Потврдените вредности – квалитетот, издржливоста и економичноста на легендарниот T1 кој се произведуваше од 1977-мата, не беше лесно да се надградат. Сепак успеаја – беше лансиран комби кој набргу стана мерило за успешноста во бизнисот. Оттогаш Sprinter со секоја своја генерација го дефинира овој сегмент на комерцијални возила. На пазарот беше дочекан како ултрамодерен комби подготвен за сите логистички предизвици. Имаше аеродинамична форма, диск сопирачки на сите тркала со ABS, а подоцна и автоматска блокада на диференцијалот. Од почетокот беше позициониран како вистински мулти-талент, достапен во сите можни верзии – комби, минибус со низок или висок покрив, шасија со обична или двојна кабина, камионче, кипер… Меѓуоскиното растојание му се движеше од 3.000 до 4.025 милиметри, а дозволената бруто тежина беше 2.590, 2.800 или 3.500 килограми. Се докажа и меѓу камперите кои во него видоа оптимална основа за своите преработки. Покрај во Германија, првата генерација на Sprinter се произведуваше и во САД (каде се продаваше под ознаките на Freightliner и Dodge), Аргентина, Иран, Виетнам, Кина, Русија, Египет… Го произведуваше и Volkswagen кој го пласираше на пазарот под ознаката LT.

До 2006 година Mercedes продаде повеќе од 1,3 милиони примероци на Sprinter, што беше одлична стартна основа за втората генерација која донесе повеќе можности. Иако и дотогаш веќе постеше доста широк спектар верзии, купувачите можеа да бираат прилагодени решенија за скоро секое нивно барање. Новата генерација ја  одбележаа и бројни иновации, на пример широкоаголната врата на багажникот, супер високиот покрив и четврта должина на каросеријата. Погонските склопови дополнително беа оптимизирани со нови мотори и нов шестстепен пренос. Доби и подобрен систем за сопирање, адаптивен ESP со проширени функции и ревидиран концепт за складирање во внатрешноста. Новиот Sprinter беше на располагање и со биксенонски светла, систем за паркирање и уште многу што. Во 2013-тата беше сериозно унапреден, со системи кои го направија најсигурен комби во класата. Доби и Еуро VI мотори, седумстепен автоматски менувач и многу поголем избор на опрема.

Третата и актуелна генерација на Sprinter која дојде 2018-тата донесе прогресивен, унапреден комфор и уште повисоко ниво на безбедност. Вмрежувањето кое може да се припише на напредниот MBUX мултимедиски систем стана нормална работа. Бројот достапни варијанти надмина илјада, а се појави и електрична верзија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *