Иднината денес
» На патиштата има сé повеќе возила а сообраќајните текови се сé побрзи, со што низите информации што го одвлекуваат вниманието на возачите поставуваат значајни барања, посебно за комерцијалните возила. Од друга страна, никогаш порано не постоеле толку можности возачот да управува безбедно отколку денес. Системите за активна безбедност што се среќаваат во многу современи возила значително придонесуваат за успешно спречување на несреќи. Volvo е компанија која не само што ги следи, туку и ги поставува трендовите на ова поле. Но за разлика од другите кои само во своите развојни програми имаат бројни напредни системи, тие кај Volvo се во напредна фаза на практично имплементирање.
Еден од нив е и Emergency Brake системот за камионите, кој од крајот на 2015 година законски е задолжителен во ЕУ за сите нови дво и трооскини тешки комерцијални возила. Обврската за оваа функција за автоматско сигурносно кочење кај нас не постои, но нашите транспортери покажуваат високо ниво на свесност и сами ја бараат затоа што го знаат нејзиното значење – целта е намалувањето на несреќите во кои камион се удира со возилото пред себе, што претставува сценарио кое чини отприлика една петина од сите сообраќајни несреќи во кои учествуваат камиони. Зошто е тоа така, не треба да образложуваме.
Во моментов европските прописи бараат ваквите системи за сигурносно кочење да се способни само да ја намалат брзината на камионот. Кај Volvo Trucks целта е поинаква – камионот мора да запре. Затоа и директорот на одделението за безбедност во компанијата Карл Јохан Алмквист ќе каже: „Извонредно е што легислативата станува сé построга, но јас сепак сметам дека законските барања се преблаги. Ако во моментот на активација на сигурносната кочница возите со брзина од 80 km/h, таа мора да се намали за да се избегне тежок судар со возило пред вас“.
Шведската компанија го има развиено својот систем за итно кочење доста пред европските правила да стапат во сила и тој значително ги надминува моменталните и идните законски барања. Воведен е со намера во прв ред да се усредоточи на предупредувањето на возачот за опасноста. „Во многу случаи тоа е доволно бидејќи возачот брзо ја проценува ситуација и ја избегнува несреќата“, вели Алмквист. Ако тоа е апсолутно неизбежно, сигурносната кочница се активира за исклучително кратко време. Нејзината ефикасност е зголемена – брзината на кочење, односно технички исправно кажано забавување, изнесува околу 7 m/s² , што скоро одговара на она што се способни да постигнат патничките автомобили. Во пракса тоа значи дека брзината на камионот може да се намали од 80 на нула километри час за околу 40 метри. Не треба да заборавиме дека зборуваме за возила чија максимална тежина надминува 40 тони.
Emergency Brake систем на Volvo работи со помош на камера и радар кои ги следат возилата пред него, без разлика дали надвор е сончево, магловито или мрак. Во случај на опасност од судар возачот се предупредува со постапни светлосни и звучни сигнали. Ако системот не детектира дека возачот реагира, камион започнува благо да кочи. Ако возачот и понатаму не реагира, тогаш тој се активира со полна сила додека возилото целосно не застане. Во случај ако пет секунди после тоа не дојде до било какво поместување на управувачот или некоја друга логична човечка реакција, автоматски се активира и рачната кочница како сигурносна мерка која го спречува задвижувањето на камионот во случај возачот да е во шок или без свест. Плус на сé, при активирањето на сигурносната кочница стоп-светла започнуваат да трепкаат за предупредување на другите возачи назад, а кога брзината на камионот ќе падне под 5 km/h се активираат и сите четири мигавци. Системот на Volvo функционира и на кривулести патчиња и може да ја препознае разликата меѓу бочните огради на патиштата и вистинските препреки, вклучувајќи ги и мотоциклите. Единствен битен предуслов за потполно негово искористување е да се обезбеди сите функции, на пример ABS сопирачките, да се активираат и на камионот и на приколката.
Земајќи го во оглед краткиот период поминат од воведувањето на прописите за системите за сигурносно кочење, ќе помине уште некое време пред неговите позитивни ефекти да започнат да се одразуваат на црната статистика. Но и без тоа, во Volvo Trucks се уверени во предностите што ги носат овој и другите уреди за активна безбедност. „Нашите системи се дел од сеопфатните решенија кои влијаат на намалувањето на опасноста во сообраќајот, но важно е да се запамети дека самите технолошки решенија не можат да ја завршат целата работа. Безбедното опкружување бара активна интеракција на сите на патиштата. Искусниот и внимателен возач кој одговорно ракува со своето возило сé уште е најдобриот облик на спречување на несреќите”, додава Карл Јохан Алмквист.
Покрај системот за предупредување на возачот кога постои ризик од судар со возило напред кое бавно вози или стои и по потреба ја активира сигурносната кочница, Volvo Trucks во своите камиони вградува и други интелигентни безбедносни системи меѓу кои адаптивниот темпомат кој активно ја контролира брзината и му помага на возачот во одржувањето на поставеното растојание од возила пред него, како и системот за одржување на будноста на возачот кој доколку открие било каков знак на невнимание или поспаност, го предупредува дека треба да се одмори.