Tags: ,
SOR – Чешка

Чешка офанзива со алтернативен приод

» Сé поголемиот интерес за електричните автобуси на површина исфрли едно сосема непознато име – SOR од Чешка. Ретко кој има слушнато за овој производител на автобуси. Не е пошироко познат бидејќи е релативно млад – основан е во 1991 година како сервис за поправка на трактори и земјоделска механизација во малото чешко место Липхави со едвај 1.700 жители. Но со оглед на веќе започнатиот процес на „ремонтирање“ на комунистичкото општество, оваа фирма набргу беше приватизирана. Новото раководство доста смело пристапи кон бизнисот насочувајќи го развојот на компанијата кон автобускиот сектор. Првиот прототип – минибус од 7,5 метри со мотор од Perkins и менувач од Voith, беше направен уште во 1993 година. Карактеристика му беше што освен надградбата, и самата шасија беше од сопствена конструкција, нешто што поретко се среќава во автобуската индустрија.

Следеше период на воздржан развој со пополнување на гамата со нови модели и постепено но постојано проширување на капацитетите и освојувањето нови пазари. Фокусот на компанијата беа евтини автобуси наменети пред сé за пазарите на земјите од поранешниот источен блок, со дизајн кој им беше слаба страна. Ниската цена на производство се постигнуваше со максимална стандардизација на деловите, модулите и структурата, широка употреба на пластиката, специфични технолошки процеси кои бараат ниски оперативни трошоци и слично. Беа освоени широк спектар модели со различни големини – од 8,5 до 18 метри. Во 2007 година беше направен првиот автобус на природен гас, а една година подоцна и нископоден тролејбус. Две години после него се појави и хибриден автобус, а во 2010-тата и електричен.

Голем импулс во развојот на компанијата имаше освојувањето на неколку значајни тендери кои им донесоа сериозни нарачки, посебно дома каде се пласира половина од производството и во соседната Словачка, заради што во овие земји SOR има пазарен удел од околу 30%. Производите на компанијата се застапени и во балтичките земји, Скандинавијата, Бенелукс, земјите од германското говорно подрачје, Русија, Украина и на Балканот, но и на Фарските острови. Интересен факт е што нивните автобуси едно време се произведуваа по лиценца во Унгарија и Полска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *