Tags: ,
Volkswagen LT (1975-2006)

Моделот кој предизвика лавина успеси

» Кога стана јасно дека Transporter не може да ги задоволи потребите на купувачите кои со порастот на економијата на Германија бараа поголеми возила за потешки товари, Volkswagen на почетокот на ’70-тите години заедно со Mercedes започна да развива потежок доставен модел. Но разликите меѓу барањата на двете компании беа преголеми за да се премостат и инженерите на VW сами ја продолжија работата. Возилото лансирано во 1975 година кое ја доби ознаката LT како кратенка од Lasten Transporter, односно товарен транспортер, уште на почетокот имаше широка примена. Беше достапно со две меѓуоскини растојанија, две височини на покривот и повеќе каросериски изведби – како товарно комби, минибус и камионче односно шасија за надградба со единечна или двојна кабина.

Фокусирани на товарниот простор, инженерите го поставија моторот во кабината над предната оска меѓу возачкото и совозачкото седиште, додека погонот беше на задните тркала ослонети на крута задна оска. Ваквата конструкција овозможуваше поголема носивост и повеќе товарен простор – LT беше за 33 cm подолг и за  20 поширок од T2 Transporter, а располагаше со за  50 отсто поголем простор за товар, вкупно 7,85 m³. На почетокот се нудеше само со еден мотор – дволитарски четирицилиндричен бензинец од Audi 100 со 75 KS (истиот мотор со сопствени доработки Porsche го вградуваше во 924), додека веќе наредната 1976-та доби исто така четирицилиндричен дизел од Perkins со 2,7 литри работна зафатнина и 65 KS, кој две години подоцна беше заменет со шестцилиндрична 2,4 литарска верзија на дизел моторот од Golf кој располагаше со 73 коњски сили. Овој мотор, пак, се вградуваше и во некои автомобили на Volvo.

Заради својот квалитет, издржливоста, функционалноста и компактноста LT брзо стана популарен, посебно меѓу камперите. Го бендиса и MAN кој на негова основа ја лансираше својата G-серија камиони. Постојано усовршувајќи го и дополнувајќи ја понудата со нови поголеми модели со повеќе сила и поголема носивост, па дури и со 4×4 погон, Volkswagen ја задржаа првата генерација на LT во  производство сé до 1996 година. Вкупно беа направени повеќе од 470 илјади примероци, заради што и денес се среќава по улиците.

За разлика од пред две децении, за втората генерација на LT Volkswagen и Mercedes се договорија и таа беше заеднички развиена, но секој за себе ја произведуваше и вградуваше свои дизел мотори. Беше лансирана во 1996 година и се одликуваше со краток нос во кој беа сместени современите петцилиндрични дизел мотори од 2,5 литри со и без турбо компресор и максимални 75 односно 102 KS, додека за оние кои преферираат бензински агрегати се вградуваше 2,3 литарски четирицилиндричен мотор со 143 KS по потекло од Mercedes. Задржувајќи и проширувајќи ги сестраноста и функционалноста со широката палета верзии добиена со трите меѓуоскини растојанија и бројните изведби, LT2 продолжи по патеките на успехот од својот претходник. Благодарејќи на постојаното дополнување на гамата но и на новиот 2,8 литарски TDi мотор кој со текот на времето стигна до 158 KS, за десет години Volkswagen продаде скоро 340 илјади возила од овој модел пред да биде заменет со Crafter кој заедно со Sprinter се произведуваше во погоните на Mercedes.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *