Tags: , , ,
Saab 99 (1968-1984) – 2*видео, фото галерија

Шведски челик со турбо технологија

» Иако шведските производители никогаш не се одликувале со некои големи бројки продадени автомобили, отсекогаш имале интересни модели кои според имиџот доминирале на пазарот и претставувале класа за себе во однос на конкурентите. Кога зборуваме за Saab прво што паѓа на памет се инвентивноста и напредните концепции на неговите модели, во кои количината на неконвенционални решенија секогаш била неочекувана. Причината за тоа лежи во фактот дека оваа компанија беше производител на авиони, што го објаснува поинаквиот дизајнерски и конструкциски пристап, единствен во автомобилската индустрија.

Ако првиот нивни модел 92 и дериватите произлезени од него успеаја да го свртат вниманието на јавноста и купувачите низ светот, Saab стана таков каков го паметите благодарејќи  на моделот 99. Тој започна да се планира во првата половина од ’60-тите години, а одлуката за почеток на работите на него беше донесена во април 1965 година. Инструкциите на инженерите за проектот наречен Gudmund беа јасни – да се создаде модерен автомобил од средната класа со напредни технологии и добри возни својства кој ќе ги задржи карактеристиките на марката. Тоа веднаш ги исфрли од игра познатите и издржливи но и дебело застарени двотактни мотори, а бидејќи немаа соодветни агрегати, Швеѓаните се обратија на другите производители. Изборот падна на 1,7 литарскиот мотор од Triumph, надолжно поставен и навален настрана за 45° заради ниската хауба, кој за Saab развиваше 80 KS. Интересно е што дел од прототипите на Saab 99 кои служеа за тестирања, за да се збунат новинарите и скријат од јавноста, беа означени со натписот Daihatsu.

Новиот модел официјално беше претставен пред крајот на 1967-мата, а производство му започна година дена подоцна. Saab 99 во секој поглед претставуваше голем напредок. Покрај модерно дизајнираниот преден дел, големото и заоблено ветробранско стакло и ниската силуета, се одликуваше со напредни технологии и повеќе невообичаени решенија. Беше задржан концептот со преден погон кој тогаш сé уште беше релативно редок, рачната сопирачка делуваше на предните тркала, а контакт бравата се наоѓаше меѓу седиштата и ја заклучуваше рачката од менувачот кој мораше да биде поставен во од наназад. Иницијално Saab 99 беше изведен како седан со 2 врати, за подоцна да се појави и како седан со 4 и комби-купе со 3 и 5 врати. Беше развиван и караван, и тоа на два пати – првиот пат со три, а после со пет врати, но тој не го пронајде патот до сериското производство.

Иако беше за некои 10-тина отсто поскап од конкуренцијата, купувачите одлично реагираа на новиот модел, дотолку што Saab како мала компанија не можеше да испорача доволен број возила и за да ја задоволи побарувачката тој се произведуваше и во Финска, во погоните на Valmet. Што се однесува до моторната понуда, таа во Saab 99 постојано беше унапредувана. Иницијалниот мотор кој набргу доби електронско вбризгување беше заменет со поголем 1,85 литарски, исто така од Triumph. Перформансите беа на задоволувачко ниво, за што помагаше и аеродинамиката со коефициент на отпор на воздухот од одлични 0,37. Но Швеѓаните не беа среќни со издржливоста на британските агрегати и на нивна основа си развија сопствени, од два литра. Најголемиот технички напредок го направија во 1977 година со претставувањето на турбо верзијата, со што Saab 99 стана прв семеен модел опремен со ваков мотор. Легендата беше создадена.

Saab го претстави моделот 900 како негов наследник во 1978 година, но 99 одбиваше да се пензионира и се произведуваше уште шест години, а ако го сметаме и моделот 90 кој всушност беше 99 со заден дел од 900, сé до 1987 година. Беа произведени вкупно 588.643 примероци и уште 25.378 од Saab 90.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *