Галски петел што прерано закукурика
» Авангардната едноволуменска лимузина беше претставена 2001-вата на салонот во Женева, како наследник на успешниот Safrane. На почетокот на третиот милениум автомобилскиот свет изгледаше сосема поинаку отколку денес кога владее поплава на SUV модели од сите големини и видови – тогаш во тренд беа моноволуменските возила, кои во Европа токму Renault ги воведе. Можеби тоа беше мотив, можеби нешто друго, но Французите мислеа дека би било мудро да лансираат голема лимузина со моноволуменска форма и се роди Vel Satis. Идејата ја зачинија со футуристички извлечените линии на кои им додадоа сериозна доза луксуз, што беше во сушта спротивност на модата која пропагираше ретро елементи. Храбриот обид да ги променат сфаќањата и традиционалната наклонетост на купувачите на оваа класа возила кон секогаш конзервативните германски модели тие ја допоткрепија со мноштвото негови предности.
Можеби Renault Vel Satis изгледаше секако само не обично, но на сите им беше јасно дека неговиот облик гарантира максимална пространост и најголема можна удобност. Чудниот линеарен дизајн со силните архитектонски референци кој зрачеше со моќен персоналитет покрај високата силуета имаше повеќе карактеристични стилски решенија – вертикалните предни светла, необично заобленото задно стакло, кратката опашка на петтата врата… Експериментирањето со емоциите на купувачите продолжи и во внатрешноста, чии надмени и едноставни линии кои зрачеа со својот футуризам тешко можеа од прва да се голтнат, иако уште потешко можеше да им се најде замерка. Радикалноста во неконвенционалниот настап беше дополнета дел со серија напредни технички и безбедносни решенија, дел со проверената механичка поддршка која стартуваше со дволитарскиот турбо бензинец од 163 и се искачуваше до 3,5 литарскиот V6 од Nissan со 241 KS. Дизелите беа сопствените од 2,2 и од Isuzu позајмениот 3,0 литарски V6 со максимални меѓу 115 и 177 коњи, а менувачите шестстепени мануелни и пет и шестстепени автоматски.
Сé на сé добар пакет кој ја оправуваше ознаката Vel Satis што беше акроним од француските зборови vélocité и satisfaction, односно брзина и задоволство, за жал заокружен со високата продажна цена која се движеше од 33.300 до 55.880 евра. Купувачите останаа воздржани и до крајот на неговиот животен век тој ги собра едвај 62.201, пет пати помалку од Safrane. На Renault му донесе толкава болка што со неговото престанување на производството марката практично ја напушти оваа класа – неговите наследници, прво Latitude а после и Talisman се ребрендирани модели на Samsung. Ако се погледнат бројките станува јасно и зошто – Французите во развојот и производството на Vel Satis инвестираа дебели 630 милиони евра, а тој им донесе скоро двојно поголеми загуби.