Tags:
Како со кабли да се стартува моторот (видео)

Наизглед едноставно, но може и да не е

» Секоја зима гледаме иста слика кога нагло ќе залади – послабо одржуваните автомобили имаат проблем со стартувањето на моторот бидејќи акумулаторот преку ноќ нагло им се испразнил. Денешните акумулатори се доста поиздржливи, поефикасни и со поголем капацитет отколку старите, но истовремено пред нив се поставуваат значително повисоки барања заради поголемиот број разно-разни електрични потрошувачи и тие работат во уште потешки услови, што пак може да предизвика почести проблеми. Во тој случај не преостанува ништо друго освен позајмување струја од друг автомобил. Веруваме дека на сите ни е јасно, но не е наодмет да напоменеме дека струја може да се позајмува со електрични кабли само во случај обете возила да имаат акумулатори со ист напон, значи 12 волти. Не ни помислувајте да поврзете меѓусебе камион, мотоцикл и автомобил!

Прво правило кое ние обично го игнорираме е дека при позајмувањето струја од друг автомобил за стартување на моторот црниот кабел мора да биде цврсто споен на лимот односно на метал, не на минусот на празниот акумулатор. И самото поврзување на каблите треба да се изведе со пропишан редослед. Притоа моторот на возилото кое дава струја, за разлика од порано кога се советуваше да работи, па дури и со повисоки вртежи, треба да биде изгаснат. Не заборавајте и дека менувачот мора да биде во неутрална позиција ако е мануелен, односно паркинг ако е автоматски. И уште една важна работа – каросериите на двете возила никако не смеат да се допираат ниту во една точка.

Пред да ги поврзете каблите, и на двете возила исклучете го контактот. Ова е битно бидејќи кај возилото кое дава струја постои опасност од прегорување на електронската контролна единица и/или алтернаторот. Исклучете ги и сите потрошувачи и уреди – радиото, вентилаторот односно клима уредот, бришачите, загревањето на седиштата, управувачот, стаклата и ретровизорите… Со тоа струјата што се влече ќе се сведе на минимум што ќе обезбеди полесно стартувањето на моторот. Поврзувањето на клештите од каблите треба да се изведе брзо, за да се сведат можностите од искрење на контактите на најниска мерка.

Важен е и начинот на поврзувањето на каблите кој се состои од четири чекори и потребно е строго да се придржувате до него. Прво црвениот електричен кабел се поврзува на плусот на празниот акумулатор, а потоа неговиот друг крај на плусот на акумулаторот на возилото кое дава струја. Потоа црниот кабел се поврзува со минусот на истото возило, за на крај неговиот друг крај да се поврзе со цврста маса на возилото со празен акумулатор – најдобро на гол нелакиран лим или на метал на блокот/главата на моторот колку што е можно поблиску до електростартерот, значи не на минусот на празниот акумулатор. Внимавајте каблите за струја да се блиску до вентилаторот или каишот. Дури после сето ова стартувајте го моторот на автомобилот што дава струја ако е постар, додека кај поновите и помодерни возила се препорачува тој да не работи.

Но новите технологии и новите електрични и електронски уреди со кои се опремуваат денешните автомобили полека менуваат некои работи кои важеа долг низ години. Дури и едноставните како што е позајмувањето на струја на друг автомобил, кое сега бара софистициран пристап. Детално погледнете во упатството на што мора да внимавате за да не предизвикате несакана штета која во случај да прегори компјутерот на моторот, односно управувачката електроника на возилото, ќе биде поприлично скапа. Посебно внимателни треба да бидат сопствениците на возила со старт-стоп систем кај кои процедурата за поврзување на каблите се разликува. Имено, бидејќи контролната електроника на старт-стоп системот директно е поврзана на минусот на акумулаторот за да се обезбеди најкраток пат на струјата со најмали загуби за најефикасно стартување на моторот, црниот кабел не се приклучува на минусот на самиот акумулатор туку на посебен минус приклучок во просторот на моторот или на гол лим или на метал, најдобро некаде на моторот. И црвениот кабел исто така може да се приклучи на посебен плус приклучок за него сместен во просторот на моторот означен со + симболот и најчесто со црвена капа на себе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *