Renault 4 како луксузен хотелски апартман
» Оваа година Renault одбележува 60-годишнина од појавувањето на култниот R4 и за да ја увеличи прославата на јубилејот, подготви специјална негова изведба како луксузен хотелски апартман. Не знаеме кој дојде на ваква „генијална“ идеја, но знаеме дека ја реализираше францускиот дизајнер Матје Леане. Неговото уникатно дело наречено Renault Suite Nº4 има посебно преуреден заден дел како меур од поликарбонат со рамен дрвен под. Предните седишта се обложени со комбинација ткаенини кои ги имитираат луксузните материјали што се користат во луксузните хотели. На покривот се поставени проѕирни соларни панели кои пропуштаат светлина во патничката кабина и ги дополнуваат батериите на овој електричен автомобил при возење. Има и клупа на извлекување позиционирана над задниот браник, на која може да се седи под отворената врата на багажникот. Каросеријата е обоена со посебен процес со што металните делови изгледаат како да се од бетон, а маската напред е заменета со плоча од полиран алуминиум.