Зошто оловниот бензин беше корисен за автомобилите?

Во секое лошо има и нешто добро

» Уште од самото негово воведување станало јасно дека оловниот бензин е штетен за здравјето на луѓето. Но ако е така, зошто воопшто се раширила неговата употреба? Не, не се работи за некаква теорија на заговор на автомобилската или нафтената индустрија за поголеми профити, туку едноставно заради фактот дека тој беше многу корисен за развојот на бензинските мотори. Имено, оловниот бензин, токму заради содржините на оловните адитиви во себе, освен што ги зголемува ефикасноста на моторите и нивната силина истовремено намалувајќи ја потрошувачката,  делува и како мазиво и таложна бариерна топлинска заштита со која се намалуваат триењето и абењето на виталните механички делови на моторот и заптивките, штитејќи ги:

1) цилиндрите, клипните прстени, вентилите и главата на моторот од отштетувањата при детонантно согорување – металното лупање кое се слуша понекогаш е последица од удирањата на клиповите на ѕидовите на цилиндрите

2) цилиндрите и клипните прстени од абење бидејќи го намалува триењето на местата на кои  тие се допираат, посебно при високи температури, бидејќи оловото кое се таложи на два начина го намалува абењето – со ламеларната структура делува како круто мазиво и го спречува микрозаварувањето на прстените и цилиндрите

3) вентилите и нивните гнезда од прегорување и абење бидејќи се таложи на површините изложени на високи температури и ударно оптоварување при отворањето и затворањето на вентилите, со што се спречува микрозаварувањето, односно високотемпературните спојувања на честичките при затворањето на вентилите, посебно издувните, и нивното откинување при отворањето со што се деградира површината на налегнување и после некое време вентилот повеќе не може да  налегнува добро и заради струењето на вжарените гасови што се јавува при тоа, брзо потоа изгорува

Со забраната на оловните додатоци во бензините, отпорноста на детонантно согорување се постигнува со користење на високооктански фракции на горивата и неоловни додатоци како што е на пример терцијалниот бутил етер. Заради сето ова кај бензинските мотори произведени пред ’90-тите години, заради нивна трајност, потребно е во безоловниот бензин да се долее и доза заменски адитив. Во спротивно се зголемува ризикот од забрзано абење на клипните прстени и цилиндрите и прегорувањето на вентилите. Исто така наместо минерално масло препорачливо е да се користи полусинтетичко за да се надомести загубената мазивост на оловото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *