Tags: , ,
Mercedes 307 E

Легендарниот комби во електро издание

» На почетокот на ’80-тите години Mercedes беше многу активен во истражувањата на нови погонски технологии, меѓу кои и струјата. Едно од нив резултираше со создавањето на електрична верзија на претходникот на Sprinter, популарниот комби од серијата T1. Ова експериментално возило од 1980-тата кое имаше ознака 307 Е беше развиено со најмали можни отстапувања од сериските модели за трошоците за производство и работа да се задржат што е можно пониски. Тоа всушност не беше првиот електричен комби на марката – осум години пред него Mercedes го претстави LE 306 кој беше базиран на комбито наречено Harburger Transporter што компанијата го доби купувајќи го Hanomag-Henschel. Од ова експериментално возило беше направена флота од 58 примероци која до 1979-тата помина 900.000 километри низ различни тестирања.

Развојот на неговиот наследник сега базиран на новата T1 серија која се појави три години  претходно го финансираше федералното министерство за истражувања и технологии. Меѓуоскиното растојание од 3.350 милиметри беше доволно да се сместат два реда батерии со номинален напон од по 90 волти кои лесно можеа да се извадат. Просторот за товар остана ист, а со носивоста од 1.450 kg и автономијата од 65 километри (при константна брзина од 50 km/h), 307 Е беше предодреден за урбана дистрибуција. Беа тестирани четири различни типа на управување со погонот и преносот на силата. Електромоторот имаше само 41 коњска сила, а максималната брзина која можеше да се постигне беше 70 km/h. Со него истражувачите на Mercedes тестираа и други технологии, како што беше планерот на рутите, нешто како претходник на системите за навигација кој даваше информации за состојбите во сообраќајот како на пример застоите и времето за кое тие ќе го продолжат патувањето за евентуално да се планира промена на рутата.

Беа спроведени две опсежни испитувања на ова комби. Финансиерот на проектот тестираше десет примероци во Берлин во склоп на истражувачкиот проект за алтернативни енергии за патниот промет, а германските пошти со 22 вакви електрични комбија пет години доставуваа пакети во Бон. Овие две практични испитувања покажаа дека во градски населби транспортот навистина може да се врши со електрични возила. Но иако проценети како перспективни, беше јасно дека нивната прикладност за секојдневна употреба беше многу далеку од возилата со дизел  или бензински мотори. Затоа пак пружија важни технички увиди и практични знаења за понатамошен развој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *