Tags: , ,
Mercedes W123 (1976-1988), фото-галерија, 68 фотографии

Автомобилот кој направи Mercedes да стане Mercedes

» Најмладите примероци се постари од три ипол децении но ги сметаме за секојдневна појава, не ги доживуваме како олдтајмери. Ако поминеме покрај некој паркиран Mercedes W123 ретко кога ќе застанеме подетално да го погледнеме и ќе помислиме: види како убав стар автомобил. Не затоа што не е убав – неговата линија и ден-денес дише со вонвременска, едноставна елеганција карактеристична за готово сите модели на Mercedes од тоа време. Уште помалку затоа што не е стар – се произведуваше од 1975 до 1986 година, што значи дека сите и официјално се олдтајмери по секој критериум. Проблемот со W123 е во тоа што често го среќаваме – не еднаш во годината или еднаш во месецот, го среќаваме секојдневно. Сега малку проретчија, но до пред некоја година и по десетина пати дневно. Тој всушност отсекогаш бил секојдневно возило, се доживувал токму така, не само во Германија или на развиениот запад, туку и во земји со понизок стандард, од Македонија до Зимбабве.

А секојдневноста на оваа серија на Mercedes нé наведува да заборавиме како во свое време беше скап автомобил кој можеше да си го дозволи само општествената елита – основниот модел при лансирањето чинеше 18.870 марки. За споредба, Golf тогаш чинеше 7.995 марки. Но и покрај тоа за него се чекаше – на почетокот и повеќе од една година за испорака. Затоа и често се случуваше новите возила да се препродаваат за 5.000 марки повеќе. А воопшто не беше револуционерен – доста делови во конструкцијата, вклучително и скоро комплетната палета мотори, беа презедени од претходникот. Всушност Mercedes на W123 започна да работи веднаш по неговото претставување – во 1968 година. Идејата беше да се направи автомобил кој ќе биде побезбеден, постабилен, структурално поцврст, поквалитетен и полесен за одржување. Седумте години интензивен развој вродија со остварување на сите поставени цели и создавање автомобил кој ќе трае вечно. Во Германија често се случуваше кога возилата ќе стигнат до крајот на својот век на употреба да се испратат во Африка или некоја од арапските земји каде беа високо ценети заради нивната способност да издржат уште многу возејќи по тамошните патишта, сервисирани од тамошните мајстори.

Гамата беше толку широка што нема смисла да се влегува во детали. Беше нуден со бензински и дизел мотори во распон од анемичните 55 до спортски импресивните 185 KS, во четири каросериски изведби. Меѓу произведените 2.696.915 примероци најмногу се од 240D верзијата – 449.780. Скоро деведесет отсто од производството беше лимузината со четири врата, а се произведуваше и како купе без централен столб, продолжена лимузина со три реда седишта која беше популарна кај таксистите и за прв пат во историјата на Mercedes во караванска изведба. Освен во Германија се произведуваше и во Јужна Африка и Тајланд, а откако заврши неговото производство во матичната земја тоа продолжи во кинескиот FAW кој во 1987 и 1988 година направи само 828 примероци. Интересен факт е дека беше единствениот автомобил кој го симнал Golf од првото место според продажбата во Германија – во 1980 година серијата 123 се продаде во вкупно 202.252 примероци, а бестселерот од Волфсбург 200.892.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *