Tags: , ,

За инает на сите

» Кога моторната техника е во прашање Mazda практично отсекогаш си терала по свое, не следејќи ги трендовите во индустријата. Така беше порано со ванкел моторите а така е и сега – додека кај другите производители големите работни зафатнини и дизелите веќе се проколнати поими, јапонската компанија го има моделот CX-60 кој е својствен по платформата со надолжно поставени мотори, меѓу другите и дизел со шест цилиндри. Чуден е и самиот избор на моторната понуда, посебно за Европа, која се состои уште само од четирицилиндричен плаг-ин хибриден 2,5 литарски бензински мотор. Истата приказна важи и за поголемиот CX-80.

Што се однесува до CX-60 и неговите дизел верзии, ги има две – со 200 KS, 450 Nm и погон само на задните тркала и 254 KS, 550 Nm и 4×4 погон. Новоразвиениот агрегат со ознака 3.3 e-Skyactiv D за прв пат претставен токму во овој кросовер претставува вистински бисер меѓу бисерите во однос на денешните конвенционални мотори на пазарот. Има работна зафатнина од 3.283 кубни сантиметри, низок степен на компресија од 15,2:1 и еден турбо компресор. Механички доста е сличен на добро познатиот 2,2 литарски четирицилиндричен мотор на кој инженерите му имаат додадено уште два цилиндри. Доби нови системи кои обезбедуваат подобро согорување на смесата во поширок опсег вртежи. Коморите за согорување се со јајчест облик и ја разделуваат претходно измешаната смеса на воздух-гориво на две области пред челото на клипот. Системот за напојување под висок притисок е поефикасен и може да реализира пет вбризгувања во еден такт. Како дел од благиот 48-волтен хибриден систем додаден е и електромотор со силина од 17 KS и максимален вртежен момент од 153 Nm, a анергијата добиена со регенерирање при кочење се испраќа во литиум-јонски батерии со капацитет од 0,33 kWh сместени под возачкото седиште.

Плаг-ин хибридниот модел има батерии поделени во два блока сместени во самиот под меѓу кои поминува карданското вратило кое ја пренесува силата до задните тркала. Имаат капацитет од 17,8 KWh што обезбедува автономија од 60-тина километри. Полнењето преку куќен полнач од 7,2 kW трае два часа и дваесет минути а на обичен штекер околу 8 часа. Погонскиот систем располага со комбинирани 327 KS и 500 Nm кои се доволни овој 2,1 тон тежок автомобил од место до сто да биде лансиран за солидни 5,8 секунди и постигнување електронски ограничени 200 km/h. Интензитетот на моторното кочење предизвикан од регенерацијата на енергијата се подесува а менувачот кај сите верзии е осумстепен.

Новата платформа донесе и нов дизајн. Погонот иницијално е на задните тркала, што е нешто што е реткост во денешната автоиндустрија. Цел на дизајнерите беше токму да се истакне задниот погон заради што кабината е поместена наназад, превисите се кратки а хаубата долга за да можат под неа да се сместат и шестцилиндрични мотори. Веќе на прв поглед е јасно дека се работи за потполно нов модел кој не може да се помеша со другите од оваа марка. На предниот дел доминира масивната маска, а светлосните групи имаат препознатлив дизајн со што CX-60 оддава впечаток на моќен и модерен автомобил кој привлекува внимание на секој чекор. Дизајнот на задниот дел го карактеризираат чисти линии кои одлично му стојат на ваков голем SUV кој со димензиите надминува голем број конкуренти – има должина од 4.745, широчина од 1.890, височина од 1.680 и меѓуоскино растојание од 2.870 mm кое обезбедува натпросечен простор во ентериерот.

А тој, како што и надворешноста најавува, може да се смести во премиум сегментот. Дизајниран е строго и ергономски прецизно, а командна табла делува сериозно но во исто време модерно и со сите детали кои треба да ги поседува еден модерен автомобил. Посебно е интересно поврзувањето на контролната табла и панелите на вратите изведено со отворите за климатизација. Материјалите и завршната обработка се со висок квалитет, а работното опкружување на возачот е пријатно, дизајнерски чисто и уредно организирано. Сé е распоредено интуитивно и ненаметливо и чини една елегантната целина. Греењето и вентилацијата на седиштата се нешто што се очекува од ваков автомобил а посебно мора да се пофали мемориската опција која е способна да го препознае лицето на возачот и да ја прилагоди позицијата на седиштето, воланот, ретровизорите и head-up дисплејот. Сé освен клима уредот и греењето на воланот и седишта се контролира преку централниот дисплеј, кој, интересно, не е чувствителен на допир туку со него се ракува преку ротационо копче сместено на масивниот централен тунел. И патниците на задните седишта уживаат во врвен комфор, а багажникот има простор од 570 литри, но со преклопување на наслоните се добива скоро рамна површина со должина од 177 сантиметри.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *