Tags: , , , ,
Wartburg 353 (1966-1989) – 2*видеа, фото галерија

Симбол на една епоха

» Во децениите кога железната завеса беше спуштена, покрај пластичниот Trabant автомобилски симбол на ДДР беше и Wartburg 353. Тогаш во сегашниот источен дел на Германија тој беше наменет само за оние со каква-таква функција. Тоа значеше дека оние кои го возеа уживаат повластен статус во државата, заради што беа уште повеќе ценети во општественото скалило. За обичните луѓе кои не можеа да го добијат тој беше автомобил од соништата, заедно со Škoda и Moskvich, додека пак поважните луѓе и позначајните политичари, функционери и агенти по правило возеа Volga.

Тој статус Wartburg 353 не случајно го стекна. Беше солидна и комфорна лимузина со одвоена шасија и агилен но не и економичен двотактен водено ладен трицилиндричен мотор од 992 cm³ и 45 на почетокот а потоа 50 KS која нудеше голем комфор и солидни возни својства. Името го доби според средновековниот дворец од 1067 година, под кого повеќе од еден век подоцна беше втемелен градот Ајзенах каде беше фабриката. Класичната троволуменска лимузина беше долга 4,22, широка 1,64 и висока 1,49 метри и имаше клиренс од 15,5 cm и багажник од 525 литри. Со незаборавниот раа-тан-тан звук и синкастиот чад што го испушташе забрзуваше моќно, но само до некои 80 km/h – понатаму одеше побавно, сé до максималните 130 km/h што тогаш беше сосема ОК. Но ужасно трошеше – ако сé на него беше добро подесено што не беше воопшто лесно бидејќи мотор имаше три засебни високонапонски круга со три пара платински копчиња и три индукциони калеми, можеше да се помине со девет или десет литри. За посериозно возење бараше до 12, а ако ви се брза и повеќе од 15 литри, и тоа 2-отстотна мешавина на обичен 86-октански бензин и двотактно масло, што ги зголемуваше трошоците.

Сепак возењето беше убаво бидејќи неговиот мотор (според законите на физиката) работеше мирно како реден шестцилиндричен четиритактен агрегат. Немаше разводен механизам, ниту вентили ниту брегаста оска што му беше предност заради едноставното одржување од тој поглед. Ама имаше незгодна маана – бидејќи двотактниот мотор се подмачкува со маслото додадено во горивото, при возење на долги надолници тој остануваше без подмачкување, а забрзан со инерцијата на автомобилот брзо се вртеше, што со честа ваква употреба доаѓаше до негово зарибување. Заради тоа и менувачот имаше посебен слободен режим со еднонасочна спојка која при возење на надолница овозможуваше моторот да работи на ниски вртежи, за кои му требаа минимални количини масло за подмачкување. Исто така немаше ни моторно кочење, заради што сопирачките му беа засилени. Но со задолжителното внимавање на редовно додавање масло во горивото при полнење на резервоарот, практично беше неуништлив и единствен проблем што го имаше беше споменатиот со палењето. Посебно интересен и доста функционален беше караванскиот модел Tourist, растегнат на 4,38 метри. Со соборување на задните седишта кај него се ослободуваше рамна површина долга 194 и широка 130 сантиметри, со корисна висина од 86 сантиметри. Беше како создаден за мали бизниси – официјално имаше носивост од 440 kg, но заради масивното подвозје со одвоена шасија можеше да носи и двојно од тоа.

Но времињата си го направија своето и дури и пред промената на општествениот поредок Wartburg 353 започна да ги губи позициите како метеор, посебно на извозните  пазари. За да колку-толку се зачуваат, од 1988 до 1991-вата во него се вградуваше четиритактен мотор од Polo, заради кој во соработка со стручњаците од Volkswagen требаше да се прилагоди изведбата бидејќи моторот беше предолг за надолжно вградување, а предниот дел од возилото претесен за негово попречно вградување. Тоа заедно со другите технички промени (практично целиот преден дел беше нов) ги вивна трошоците до небо и цената на автомобилот се покачи скоро двојно. Овој последен Wartburg кој официјално ја носи ознаката 1.3 и се смета за посебен модел, од своите 1.272 cm³ развиваше 58 KS кои беа доволни за максимални 140 km/h, а просечно трошеше 7,4 литри на 100 km.

Вкупно беа произведени 1.225.429 возила од кои 676.837 отидоа за извоз – Wartburg се продаваше во скоро сите источно и западноевропски земји, но и во Јужна Африка. Од моделот со четиритактен мотор беа направени уште 152.775 примероци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *