После 6 на ред е 9
» Не, не сме грешка со математиката – кај Kia после 6 навистина на ред е 9 но само ако се однесува за електричните модели од новата ера. Така, после претставувањето на првенецот EV6 сега е подготвен и EV9, кој исто така е SUV, ама малку поголем. Постепената транзиција кон електричните возила како една од клучните точки на глобалната стратегија на Kia предвидена со нивниот план го налага токму тоа. Како негова поддршка ќе се започне со конверзија на фабриките во Кореја, Америка, Кина и Индија – сé со цел за премин кон помасовно користење на електричната енергија бидејќи компанија вети дека од 2030 година целата флота ќе ја префрли на електрично задвижувани автомобили.
Нека не ви е чудно што Европа не се споменува – таа се подразбира. Доволно е што и двата модела – EV6 и EV9, се таргетирани за тукашните купувачи. За помалиот веќе доста знаеме, но за овој новиот, свежо најавениот, ќе дознаеме за некој ден кога освен овие компјутерски генерирани слики ќе ни биде кажано и некој збор за него. Дотогаш можеме да претпоставуваме, но не мораме – треба малку да се стрпиме бидејќи сето на што ќе го претпоставиме во голема мерка ќе биде точно.