Tags: , , ,
Fiat 500: За секого по нешто, за сите електрика (фото галерија)

Нов, електричен и попрактичен

» Легендарниот Fiat 500 се појави во 1957 година, реинкарнацијата се случи во 2007-мата, а годинава доаѓа нова, целосно електрична „петстотка“ која е силно свртена кон иднината. Да се објаснуваме околу историјата на Fiat 500 би значело да начнуваме една од најуспешните саги на историјата и културата на урбаниот транспорт. Едноставно тоа е легенда, личен стил, култура на живеење, многу повеќе од обичен автомобил…

Неговото раѓање во 1957 година означи почеток на персоналната мобилност достапна за широките маси. Оригиналната механичка постава со мотор, менувач и погон сместени во задниот дел послужија во многу делови од светот како основа за моторизација на нациите. Сé уште ни се свежи сеќавањата на авантурите со Zastava 750, популарниот Фиќо, кој лиценцно се произведуваше во Крагуевац. Реинкарнацијата на Fiat 500 која се случи во 2007 година значеше поставување нови стандарди во сегментот на градските автомобили. Погонскиот склоп се сели на предната оска, ослободувајќи дополнителен простор во кабината. Со мали естетски интервенции моделот успешно се произведува веќе 13 години и сé уште е баран на сите континенти.

Очекувањата на клиентите од наследникот досегаа до понуда на некој вид хибридна технологија. Но Fiat го понуди новиот 500 како целосно електрично возило, надминувајќи ги со тоа сите очекувања. Како надградба сега доаѓа 3+1 верзијата која јасно укажува на вградувањето уште една странична врата, со што досегашните хечбек и кабрио изведби добиваат свој трет член.

Да ги отстраниме веднаш дилемите – пропорциите остануваат исти, а димензиите на 3+1 се незначително зголемени. Од промените профитираат патниците на задната клупа кои сега имаат далеку полесен пристап. Воопшто да не го споменуваме сместувањето во детските седишта, операција која порано бареше доста гимнастика. Асиметричната врата како решение сме ја виделе и порано, а дизајнерите од Centro Stile решиле таа да се отвора спротивно од предната врата и тоа само кога таа е отворена. Со тоа е отстранета и грижата околу неконтролирано отворање. Накратко: досетливо и крајно практично решение кое дава нова димензија на употребливоста на задната клупа.

Чиста електрика

Храброста и самоувереноста со која Fiat одлучи во новиот 500 да ги  пензионира бензинските, па и хибридните мотори, е импресивна и визионерска – новиот градски автомобил ќе се движи само на електрична енергија. Лесно е ова да се каже, меѓутоа уверени сме дека таа одлука е проследена со голема доза на неизвесност. Можеби и највеќе поради цената – целосно електричните возила сé уште се видно поскапи од своите класично моторизирани браќа.

Во оправдувањето на (очекувано) високата цена, Fiat става во функција, несвојствена за класата, голема количина безбедносна и комуникациска опрема. Издвојуваме: адаптивен темпомат со одржување на коловозната лента, препознавање на сообраќајни знаци, самостојно сопирање со препознавање на пешаци и велосипеди, интелигентна асистенција на брзината, паркинг камера со покривање од 360°, електрична рачна сопирачка… Едицијата која треба да отвори ново поглавје во урбаната мобилност е наречена 500 La Prima, а сета погоре опишана опрема е вградена во неа. И не само тоа, стандардните опции уште вклучуваат и приклучоци за полначи со разна моќност како и вообичаената опрема од видот на автоматски клима уред и конекциски можности.

Наменски оформени пакети: Action, Passion и Icon

Во првиот Action степен во демократизацијата на електричната мобилност е вклучен електромотор од 95 KS кој забрзува за 9,5 секунди, а самоограничувачката електроника му дозволува максимална брзина од 135 km/h. Литиум-јонските батерии со капацитет од 23,8 kWh според WLTP мерењата дозволуваат радиус на движење од 180 km, a кога се вози само низ урбани средини автономијата се искачува на 240 km.

Следното скалило Passion има посилен мотор и поголеми батерии. Гледано низ бројки тоа значи 118 KS, 140 km/h, 42 kWh и автономија од 320 km според WLTP и 460 km во град. Со притискање на педалата за гас (е, да, уште ќе ја викаме така…) треба да се биде внимателен затоа што до 50 km/h забрзува за 3,1 секунда, додека стотката се фаќа за 9,0 секунди. Оптимизацијата на празнење на батериите може да се изврши со бирање на еден од трите начини на возење – Normal, Range и Sherpa. Приклучен на брз полнач од 85 kW, за полнење на испразнетата батерија до 80% од капацитетот потребни се само 35 минути. Овде веќе се насетува патничката димензија на новиот 500.

Највисокото ниво Icon треба да го прикаже вкупниот потенцијал од стил, технологија и материјали. Додека капацитетите се еднакви како и кај Passion, разликата се прави во вградената опрема, но и во конективните можности сублимирани во новиот забавно-комуникациски систем UConnect 5 кој функционира по пат на гласовни команди. Доволно е да се каже „Hey Fiat“ и веднаш до 8 различни уреди да бидат безжично вклучени. Бројните апликации со кои се контролираат функциите и состојбата на батериите, веќе се составен дел на секој голем проект од типот на Fiat 500.

Кога и по која цена ќе стигне кај нас, тешко е да се каже…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *