Tags: , , ,
» Citroen Mehari (1968-1988) – фото галерија, видео

Урбана камила

» Citroen Mehari на јавноста ѝ беше претставен во мај 1968 година на едни познати француски голф терени, изненадувајќи ги сите присутни. А богами, имаше и со што – необичниот концепт на скромен автомобил наменет за забава исто така можеше да служи и за работа, односно еднакво добро да пренесува сено или пак даски за сурфање. Името го доби по едногрбите северноафрикански камили кои освен што се добри тркачи, доста се издржливи и за јавање и пренесување товар преку бескрајните пустински траси на Сахара. Модуларноста и штедливоста при проектирањето беа надградени на филозофијата на Спачек со примена на некои решенија за кои тогаш Citroen сметаше дека се современи. На пример каросеријата од АБС термопластика, заради која, бидејќи е запалива, Mehari никогаш не доби хомологација да се продава во Германија и Велика Британија.

Но затоа остатокот од светот го прифати таков каков е – без забелешки на неговиот спартански изглед налик на детска играчка, евтината изработка и перформансите за кои е скромно да кажеме дека беа скромни, обезбедени од двоцилиндричниот мотор со 602 cm³ и 29 коњски сили. Но сето ова сепак имаше и добри страни – отворен над бочната линија на каросеријата со ветробранско стакло кое се преклопуваше, Citroen Mehari изгледаше идеален за квалитетно трошење на слободното време. Во тоа помагаше и високо издигнатата шасија заради која лесно совладуваше разни терени. Така, со својот имиџ на возило кое на купувачите им понуди дотогаш невидена слобода и авантура, тој идеално ја дополни сликата на бунтовната атмосфера од 1968 година.

А таа траеше сé до ’88-мата, до кога Mehari практично непроменет се произведуваше. Во скромни годишни количини, но во вкупно пет фабрики во Франција и уште седум низ светот, од Белгија преку Југославија до Уругвај. Така, со своите 144.953 произведени примероци тој остана феномен во автомобилската историја чии предности ги препознаа и силите на редот во многу земји – од француската жандармерија до ирската армија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *