Дизајнерска перфекција
» Турскиот дизајнер Угур Сахин кој работи во Холандија е на мислење дека Alfa Romeo треба да ја збогати својата понуда со екслузивен модел. Неговиот предлог доаѓа во вид на Barchetta USD (како кратенка од Ugur Sahin Design), со механика заснована на Dodge Viper. Изборот на технолошки донатор е логичен – и двата бренда припаѓаат на истата FCA групација.
Младиот дизајнер инспирацијата ја црпи од богатото искуство на Alfa, поточно од моделот Giulia TZ како и од каросерницата Dall’Ara која во 1981 година ја има креирано прекрасната Giulietta Barchetta. „За да дизајнирам современо толкување на двата модела, ги изолирав класични елементи и потоа ги комбинирав со современи линии и нови површини“, објаснува Сахин. На местото на погонски агрегат се очекува да се ангажира потентен V8 или V10 мотор кој би произведувал најмалку шестотини коњски сили. Во возбудувачките перформанси предвидено е да уживаат само возач и совозач, и тоа во отворена кабина со физички одвоени седишта. Би можеле да продолжиме со интерпретација на неверојатниот облик, но секоја фотографија од оваа дизајнерска перфекција не би можела да се замени ниту со милион зборови.
Дали во време кога Alfa Romeo го гаси импресивниот 4C ќе најде сили до детали разработениот дизајнерски концепт да го пренесе од екран на улица, е големо прашање. Во време на автомобили без многу емоции, Barchetta USD би дошол како нова слика во колекцијата на Лувр.