Tags: , ,
Jaguar XJ41/42: несудените наследници на E-Type

Што е пишано, пишано е

» Кога го подготвуваа Jaguar XJ-S, Британците знаеја дека тој не е и не може да биде наследник на харизматичниот E-Type. Рака на срце, во тоа време такво нешто не им ни требаше, но малку подоцна, кога годините на XJS започнаа да тежат, развојот на вистински наследник на легендарниот E-Type повторно стана актуелна тема. Неговото враќање беше замислено преку атрактивен спортски автомобил со цена во разумна категорија, што значеше сé, ама до тоа не беше лесно да се дојде. Доказ е судбината на концептите XJ41 и XJ42, кои како сериски купе и родстер модели со ознака F-Type требаа да продолжат таму каде E-Type му ја препушти штафетната палка на XJ-S.

На инженерите на Jaguar сé и беше јасно и немаа проблем да ги подготват концептите кои на почетокот на ’80-тите години како модерна интерпретација на E-Type во целост му ја доловија душата. Одлуката за нивно производство веќе беше донесена, ама менаџерите сакаа нешто повеќе од сушта реинкарнација на агилниот E-Type. Ним не им се бендисуваше докрај тоа што беше искористена механиката на основната а не на топ-верзијата на XJ-S, иако генерално немаа забелешки на најголемата брзина од 255 km/h и забрзувањето до 100 km/h за 6,7 секунди. На инженерите им беше даден дополнителен рок да го корегираат неговото позиционирање, со што почетокот на продажбата на F-Type место во 1986 беше презакажан за подоцна.

Но конкуренцијата не спиеше и од нивна страна веќе беа развиени посилни, побрзи и технички понадмоќни модели, заради што идниот F-Type освен два турбо компресора и 330 KS, доби и погон на сите тркала, што му ја зголеми тежината на тешко прифатливи 1.800 килограми, за 300 повеќе од иницијалните рамки на проектот. Тоа можеби и ќе се решеше некако, но во 1989 година Jaguar премина во рацете на Ford, чии менаџери сосема оправдано дадоа приоритет на модернизирањето на производствените капацитети и место сосема нов F-Type тие го обновија стариот XJ-S.

Сепак, за сенките на историјата да не ги проголтаат XJ41/42 концептите, дел од сработеното беше конвертирано во Aston Martin DB7 и Jaguar XK8, додека F-Type, сега веќе само како духовен наследник на E-Type, се појави многу подоцна, дури во 2012 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *