Лоши и опасни навики
» Во текот на својот возачки стаж сите развиваме извесни навики зад управувачот, некои добри, повеќето лоши. Најдобар начин да ја сочуваме безбедноста е да се запрашаме што е тоа што го работиме погрешно. При тоа не мислиме на работите за кои сите доста добро знаеме дека се погрешни – пречекорувањето на дозволената брзина, телефонирањето, неврзувањето со сигурносен појас… Ова се само дел од опасните нешта кои не треба да ги работиме за време на возењето.
Возење со слушалки на ушите
Слушањето музика од телефон преку слушалки често се наметнува како алтернатива од слушањето радио. Меѓутоа на тој начин возачот се изолира од надворешниот свет, не можејќи да ги слуша звуците од сообраќајот што може да биде опасно. Ако веќе сакате да слушате музика од телефон, тогаш поврзете го преку блутут со аудио системот.
Замор
Заморот кој често го игнорираме преценувајќи ги своите способности да останеме концентрирани според едни американски истражувања е причина за 9,5 отсто од сообраќајните несреќи. Уште поотрезнувачки делува заклучокот од истата студија дека возењето на подолги релации после пет часа спиење е еднакво опасно како и возењето поднапиен. Јакото кафе или пак енергетски пијалак помагаат само краткотрајно – единствениот лек за поспаноста е сонот. Доволно е половина час дремка за рефлексите да се повратат.
Претерано ослонување на електронските асистенти
Електрониката во возилата, како онаа што му помага на возачот како што е темпоматот или пак безбедносните системи – задржување на возилото во коловозната лента, автоматското кочење во случај на опасност и слично, дефинитивно се од голема корист за вашата и безбедноста на другите. Но тоа не значи дека сé треба да се препушти на возилото. Затоа и понатаму возете како нив да ги нема – држете ги двете раце на управувачот и погледот на патот. Истото важи и за асистенцијата при паркирање – не слушајте ги само паркинг сензорите и не гледајте ја само задната камера туку добро погледнете во сите ретровизори или свртете се пред да тргнете наназад.
Инфо-забавни системи
Инфо-забавните системи во возилото или пак телефонот ќе ви окупират една рака, скапоцени секунди од погледот и дел од неопходното внимание посебно ако не сте целосно и добро запознаени со нивните команди. Можностите кои ги имаат се бројни, често сокриени низ повеќе нивоа во менито и ако не можете веднаш да го најдете она што сакате, подобро е да запрете на безбедно место отколку да продолжите да возите макар и побавно обидувајќи се да се снајдете со електрониката.
Недржење безбедно растојание
Секогаш, ама секогаш ќе има некој побавен возач пред вас. Бидете трпеливи, ќе го престигнете – немојте да му се приближувате премногу за да му укажете дека треба да вози побрзо или пак да ве пропушти. Побавните возачи, посебно оние кои се многу бавни, по правило се и помалку вешти и понесигурни. Може сé да се случи ако го исплашите премногу доближувајќи се до неговото возило.
Одвраќање на вниманието
Ако има нешто поглупо од читањето порака на телефон додека возите е тоа да одговорете на неа. Притоа не само погледот туку и целото внимание се насочува кон телефонот. Истото важи и ако погледнете нешто настрана додека возите, на пример згодна девојка. Бидете сигурни дека и возачот пред вас ќе ја погледне, но може и да прикочи за подобро да ја види. Правилото е кратко и јасно – не дозволувајте ништо да ви го одврати вниманието додека возите.
Игнорирање на повиците за сервисни интервенции од производителите
Ниту еден производ не е совршен. За тоа се свесни и производителите на возила кои кога ќе забележат зачестување на некои дефекти ги повикуваат сопствениците на возилата во сервис на бесплатна интервенција. Немојте да ги игнорирате ваквите повици, дури и кога наведениот проблем се нема појавено кај вашето возило. Штета од ваквите превентивни зафати не може да има – тие се прават за да се елиминира ризикот од потенцијалните проблеми.
Возење со милениче
Колку и да е мирно и послушно, не пуштајте го вашето милениче слободно да си скока низ кабината – не можете да знаете што може да го исплаши. Исто така немојте да го галите додека возите или пак да го држите во скут.
Јадење во текот на возењето
Јадењето за време на возењето, посебно ако е нешто што може да ве извалка, избегнувајте го целосно. Колку и да внимавате, ако ви испадне компирче од сендвичот сигурно ќе го побарате, гледајќи каде завршило и обидувајќи се со една рака да го најдете додека во другата го држите сендвичот. Уште полошо е ако пак ви искапе кечап на кошулата. Јадењето за време на возењето ги зголемува шансите за предизвикување несреќа за дури 80 отсто, затоа ако сте гладни, застанете.
Неодржување на возилото
Исто како што и секој човек се мие, тушира или пак оди на бербер, така и секое возило треба да се одржува, и тоа точно според упатствата на производителот. Кога се оди на редовен сервис не е доволно само да се сменат маслото и филтерот за него, туку и да се направи целосна контрола на сé што е предвидено. Редовно и совесно одржуваното возило долгорочно ќе ви заштеди на можни дефекти а и вредноста кога ќе се продава ќе му биде поголема. Но најважно од сé е што е безбедно и што вие тоа го знаете и можете да му верувате. Не игнорирајте ги дури и најмалите проблеми што ќе ги забележите, некогаш тие се само симптом за нешто поголемо.
Возење во екстремни временски услови
Не е срам да се признае дека ви е страв да возите кога многу паѓа снег – останете дома додека временските услови не се поправат а патиштата расчистат.
Пребрзо возење
Прекумерната брзина е фактор за дури една третина од сообраќајните несреќи со смртни последици. Притоа под брзо возење не мислиме колку пишува на сообраќајниот знак, туку колку реално е безбедно да се вози.
Пребавно возење
И возењето значително под дозволената брзина може да биде еднакво опасно како и брзото возење. Пребавното возење низ свиоци може да биде причина некој да налета на вашето возило одзади, додека пак на прегледен пат ќе предизвика конфузија во сообраќајот и нервоза кај другите возачи кои со нагли потези ќе се обидат да ве престигнат, доведувајќи се притоа во опасност пред сé себе си. Затоа ако не сте сигурни дека сте дораснати на сообраќајните услови на делницата каде планирате да патувате, немојте ни да тргнувате на пат.
Конфликти во сообраќајот
Агресивното возење е голем проблем секаде во светот, посебно во земји како нашата со пониска сообраќајна дисциплина. За тоа сме сведоци секојдневно. Дури и на најсмирените возачи им се случува да се изнервираат од нешто или од некого и да реагираат. Некој ќе свири, друг со нагли потези ќе се обиде да ја „реши” ситуацијата ама има и такви кои ќе се справат со тупаници, посебно на паркинг. Едноставно, немојте. Замислете дека сте во супермаркет каде буткате количка полна со продукти и однесувајте се така.
Дигање на нозете на арматурната табла
Овој начин за одморање на сопатникот не само што е целосно некултурен, туку е и опасен – денес бројот на возилата кои немаат воздушни перници е минимален.
Возење без светла
Не дозволувајте да ви се случи да тргнете да возите без да ги вклучите светлата доколку тие на вашето возило не ви се автоматски. Осветлените градски улици навечер знаат да ве прелажат, посебно ако возилото ви е опремено со дневни светла кои сепак не можат да ги заменат главните. Но она што е доста битно е дека кај добар дел од возилата со дневни светла, задните светла остануваат исклучени.