Успешен чешки обид да се привлече вниманието
» Во ’90-тите години пикап моделите беа редок призор на европските патишта. Тоа на интересен начин го искористи Škoda која подготви специјална изведба на свежо лансираната Felicia со отворен простор за товар. Обоен во впечатлива жолта боја и со назив кој на најдобар можен ја опишуваше, оваа пикап изведба на ултрапопуларниот чешки модел предизвика маркетиншка лавина која и ден-денес остана во колективната меморија на луѓето кои тогаш беа сведоци на нејзиното појавување, главно помлади со авантуристички немирен дух.
Практичноста на Felicia Fun ѝ беше силна страна, но атрактивноста уште посилна. Но најсилно одекна тоа што дизајнерите на Škoda која тукушто влезе под заштитничкиот чадор на Volkswagen ги покажаа своите способности. Тие на невообичаен начин го конвертираа евтиниот семеен субкомпактен хечбек во пикап со сосема конзервативни линии облагородени со добро осмислени детали кои привлекуваа внимание. Тој во своите оптимални димензии со должина од 4.245 mm што беше за малку повеќе од комби верзијата на Felicia имаше две седишта, со можност за додавање уште две помошни кои навлегуваа во елегантно извлечениот простор за товар. Внатрешноста беше уредена во живо лајфстајл опкружување уште пред овој поим да започне да се употребува во модерната комуникација, а механиката беше стандардната, малку рафинирана. Купувачите имаа избор од три мотори – 1,3 и 1,6 литарски бензински со 68 и 75 коњски сили и 1,9 литарски 64-коњски дизел. Вкупно од Felicia Fun беа направени само 4.016 примерок.