» , ,
e-Bulli Concept: Хипик на струја

Меѓу минатото и иднината

» За Хипи-движењето Bulli претставуваше животен стил. Новооткриената слобода без било какви ограничувања имаше симболи кои останаа врежани во колективниот дух на тогашната младина. На големите рок-концерти одржувани под ведро небо тој беше и превозно средство, и место за неколкудневен престој, и хотел, мотел и сé што му беше потребно на целото друштво. Времето немилосрдно тече, но некој во Volkswagen се сети на легендата и сега се опипува пулсот за евентуалниот интерес на купувачите за воскресување на некогаш екстремно популарниот модел.

А за да се остане оригинален, сега Bulli добива префикс „е“ што недвосмислено укажува на целосна електрификација на погонскиот склоп. И случајно тоа е областа во која најголемиот светски производител интензивно работи, па неуморно вади нови и нови продукти кои не ја загадуваат животната средина. Такви примери се ID.3 и идниот ID.Buzz.

Кога е веќе така, да ги погледнеме спецификите на e-Bulli. Поради зачувување на оригиналноста, моторот и погонот се сместени на задниот дел од минибусот. Литиум-јонските батери со капацитет од 45 kWh се поставени во подот, а кога се наполнети до врв гарантираат поминување до 200 километри. Електромоторот од 82 KS има капацитет да го турне до максимални електронски ограничени 130 km/h. Без претензии да споредуваме модели што се појавуваат со временска дистанца од 50 и кусур години, само ќе кажеме дека овие перформанси се неспоредливи во однос далечниот предок кој одамна има обезбедено место во куќата на славните.

Носталгичните лубители на марката ќе се израдуваат на внатрешноста која во потполност потсетува на оригиналот од 1966 година. Употребата на композитните материјали е во служба на функционалноста, а најголема промена е поставувањето на менувачот, односно палка што игра улога на менувач бидејќи има само еден степен на пренос. Во неа е сместена и позиција која ја одредува динамиката на регенерација на енергијата односно силината со која ќе забавува возилото при одземен гас или сопирање.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *