Веднаш во сервис!
» Меѓу сопствениците на старите дизели но и често меѓу мајсторите е раширено мислењето дека пропуштањето масло од турбо компресорот не е штетно и дека може и понатаму да се вози со повремено контролирање на нивото на моторното масло и негово дополнување. Тоа навистина функционира, но не значи дека турбо компресорот ќе издржи колку и моторот, бидејќи пропуштањето масло, посебно од страната на турбината, може да биде многу штетно. Имено, ако маслото се таложи однадвор на куќиштето на турбо компресорот веројатно тече и внатре во него. Во тој случај истеченото масло гори од високата температура и доаѓа до чадење, а при гасење на моторот може да доведе и до прегревање на турбо компресорот. Прегореното масло при повторното стартување на моторот може да се исфрли во EGR вентилот или интеркулерот и може да доведе до нивно оштетување односно блокирање. Ако пак остане во турбо компресорот може да се наталожи на статорските крилца, со што се намалува неговата ефикасност. Ако пак е од страната на компресорот тоа може да отиде во цилиндрите односно комората за согорување на горивото создавајќи зачадување на главата на моторот, издувните вентили и издувната гранка. Најлошото сценарио е кога поголема количина масло ќе навлезе во цилиндрите кое таму ќе се запали, што може да доведе до неконтролирано зголемување на бројот на вртежите на моторот и неговата сила, буквално разнесувајќи го.
Значи, ако забележите дека на турбокомпресорот се таложи масло, отидете на сервис за негово чистење и решавање на проблемот додека не е доцна.