Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>16 февруари 1951 година

Правот на историјата не бира што ќе покрие

» Од една случајна средба на двајца бизнисмени, еден Англичанец а друг Американец, се изроди еден од најмаркантните автомобили кој правот на историјата целосно го има покриено. Приказната за Nash-Healey започнува во 1949 година на палубата на еден прекуатлански крстосувач на кој Доналд Хили се враќаше од САД по неуспешниот обид да договори набавка на V8 мотори од Cadillac за идните спортски автомобили кои би ги произведувала неговата компанија. За време на патувањето тој се среќава со Џорџ Мејсон, директорот на американскиот производител Nash, познат по пионерскиот пристап кон иновациите во автомобилската индустрија. Не им требало долго време да го најдат заедничкиот јазик и две години подоцна, токму на денешен ден, на салонот на автомобилите во Чикаго е преставена производствената верзија на првиот спортски автомобил во САД после големата депресија.

Наречен Nash-Healey, тој имаше американски мотор и менувач кои се праќаа преку океанот во Велика Британија каде се произведуваше шасијата. Софистицираноста на англиската доработка дополнително е облагородена во втората серија кога италијанската куќа Pininfarina беше ангажирана да ги ревидира изгледот и конструкцијата и да ја презеде финалната монтажа на автомобилот. Сето тоа влијаеше на неговата цена која беше двојно повисока од Chevrolet Corvette и Ford Thunderbird кои се појавија после него. Заради тоа, за четири години беа произведени само 520 примероци, заедно со прототипите и возилата наменети за трки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *