Сакате да го измиете моторот со вода под висок притисок?

Подобро немојте…

» Миењето со воден млаз под притисок кај новите генерации мотори може да направи повеќе штета отколку што ќе користи. Причината е големата примена на електроника и електрични системи. Секое возило денес има електронско вбризгување и електронски систем за палење, а во просторот за мотор можат да бидат сместени повеќе компјутери за надзор на поедини функции на возилото. Сите тие се чувствителни и не поднесуваат влага, оксидација или било какви детергенти за миење на моторот. За разлика, моторите од постарите генерации имаа доста малку електрика и скоро ништо или минимално електроника и можеа без проблеми да се измијат со млаз вода, после што беше доволно со компримиран воздух да се исушат електричните склопови, разводникот за палење, каблите за свеќичките и индукциониот калем.

Денес моторите се мијат само ако е тоа неопходно, а и тогаш е потребно многу внимание и не е препорачлива употребата на вода под притисок. За миење треба да користат антикорозивни средства, течни или во спреј и да се внимава на чувствителната електроника и поедините споеви (конектори, давачи, сензори, актуатори), а по потреба некои од нив треба да се заштитат. Самата постапка на чистење треба да се одвива постапно, да се чисти дел по дел, склоп по склоп. После третманот со течни средства површината треба да се исуши со компримиран воздух или избрише со чиста крпа. По потреба поедини конектори треба да се откачат и исчистат со средство за чистење на контактите. Ако моторот е извалкан препорачливо е со влажна крпа да се исчистат сите видливи делови на моторот. Пред миењето на моторот со вода под притисок потребно е со непропустлива фолија внимателно да се  заштитат сите електронски и електрични склопови и делови поврзани со всисувањето и вбризгувањето и да се избегнува прскање вода по нив. После миењето може да се случи некоја од контролните сијалички да свети. Тогаш треба да се повтори постапката за чистење на конекторите. Ако и после тоа сијаличката не се гаси, потребно е грешката да се поништи со помош на сервисен компјутер.

Оваа постапка за чистење на моторот трае значително подолго и доста е поскапа, но дава сигурност дека нема да дојде до оштетувања на некои од деловите или склоповите. Се применува и кај бензински и кај дизел мотори бидејќи и едните и другите функционираат со многу електроника со помош на еден или повеќе компјутери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *