Што се случуваше во 1960 година?
» Брус Мекларен живеел пред своето време. Доказ: McLaren Elva, моделот претставен во 1960 година. Сега, кога дојде новата Elva, се гледа колку далеку дофрлал г-дин Мекларен со својата визија. Нејзината реинкарнацијавеќе е претставена. Направена врз истите принципи, таа претставува неверојатен микс од дизајнерско наследство и најсовремена технологија. Сето со потпис на McLaren. Од овој момент па натаму можеме да говориме за егзотични материјали и перформанси. Но пред тоа цената од 1.425.000 британски фунти. Со платен данок. Да нема забуни, цената започнува од таа сума, а конечната сметка ќе биде повисока за износ на покажаниот интерес кон дополнителна персонализација.
Сега околу бројките. Најпрво за вкупната силина што ја испорачува четирилитарскиот турбо V8, сместен централно зад возачот, која изнесува 815 KS. Со екстремно лесната каросерија првата стотка ја фаќа за помалку од три секунди, а втората за само 6,7, што е подобро и од постигнувањата на McLaren Senna. Станува и повеќе од јасно дека имаме работа со суперспортист кој има амбиции да се замеша и во игра со класата на хиперспортисти. За извонредните перформанси аплаузите одат за заслугите на каросеријата која се изработува во едно парче и тоа од цврстите и лесни јаглеродни влакна. Од слична легура се изработени и специјаните седишта, за сопирачките е употребена јаглерод-керамички микс, а перфекцијата е забележлива по употребата на титаниум за четирите издувни гранки.
За среќникот зад управувачот да остане со „ладна глава“ осмислен е системот Active Air Management System кој со помош на активната аеродинамика го пренасочува струењето на воздухот. Со така насочен воздух над главата ќе може да уживаат вкупно 149 возачи. Беа планирани 399, но McLaren на два пати ја намали бројката, па ако ви фаќа око побрзајте со нарачката.