Што означува цетанскиот број?

Склоност на дизелот кон самозапалување

» Квалитетот на дизелското гориво се означува со цетански број, кој има слично значење како и октанскиот број на бензините. Но за разлика од него кој ја означува отпорноста на горивото према детонантно согорување што е последица на неконтролирано самозапалување, цетанскиот број ја означува способноста на самозапалување на горивото, односно доцнењето на неговото палење после вбризгувањето – колку е поголем, толку доцнењето е помало а отпорноста на опасни детонации во цилиндрите поголема. Ова всушност е обратно од октанскиот број, што со оглед на принципот на работа на дизел моторите, е логично. Имено, кај бензинските мотори горивото не смее само да се запали од порастот на притисокот и температурата, туку со искра на свеќичката, а кај дизелите пак горивото се пали само, после неговото вбризгување во врелиот воздух. За да се постигне тоа, во тек на вториот такт всисаниот воздух се компримира на 40 до 60 бари а со тоа и загрева на 800 до 950° C.

Ако доцнењето на палењето на горивото во однос на моментот на неговото вбризгување е преголемо, може да дојде до детонантно согорување, односно неконтролирани експлозии внатре во цилиндрите кои можат да ги оштетат виталните делови на моторот. Цетанскиот број на дизел горивото кое е смеса на јагленоводороди со точка на вриење од 180 до 370° C се одредува со помош на референтните горива – лесно запаливиот цетан (или хексадекан како што исто така се нарекува) кој има цетански број 100 и тешко запаливиот алфа-метил-нафталин со цетански број 0. На пример, ако цетанскиот број е 54, горивото има својства на смеса од 54 отсто цетан и 46 отсто алфа-метил-нафталин. Цетанот C₁₆H₃₄ има долга верижна структура која лесно се кине и пали заради големиот број слободни атоми на водород. Алфа-метил-нафталинот C₁₁H₁₀ има прстенеста структура значително поотпорна на палење и детонации и значително помалку слободни атоми на водород. Според важечките норми дизелското гориво треба да има цетански број 51, кој во пракса најчесто е поголем.

Опасноста и штетите од неконтролирано детонантно согорување кај дизел моторите значително се помали отколку ја бензинците. Заради тоа значително е помала чувствителноста на квалитетот на горивото и цетанскиот број по правило не се истакнува на бензинските пумпи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *