Што е октанскиот број?

Колку е поголем, толку е подобро

» Октанскиот број што се среќава во ознаката на бензинот ја одредува неговата отпорност на детонантно согорување, односно самозапалување – колку е поголем, толку е повисока и неговата отпорност. Тоа е појава кога пред прескокнувањето на искрата од свеќичките доаѓа до самозапалување на смесата, односно неконтролирани детонации. Тогаш нагло се ослободува голема количина на топлина, а брзината согорување расте на преку 500 m/s, што е неколку десетина пати побрзо од нормалното. Настанува големо локално загревање на цилиндрите, клиповите и вентилите кое може да предизвика нивно трајно оштетување. Затоа е важно горивото да не детонира само пред да прескокне искрата на свеќичката. Колку е степенот на компресија на моторот поголем, толку е потребно гориво со повисока октанска вредност.

Секој моторен бензин се состои од неколку десетина, до преку стотина јагленороводороди. Кај модерните безоловни бензини преовладуваат ароматите со прстенести структури и изопарафините со разгранети структури. Октанска вредност на горивото се одредува според две референтни горива, односно нивната смеса. Изооктанот C₈H₁₈ е доста отпорен на детонација и октанскиот број му изнесува 100. Причината за тоа е во вмрежената структура на јагленородот со сразмерно малку слободни атоми на водород. Хептанот C₇H₁₆ пак, спротивно, е доста склон на детонација и октанскиот број му е 0. Тоа го овозможува неговата долга верижна структура со многу слободни атоми на водород, која лесно пука. Ознаката 95, на пример, значи дека таквото гориво има отпорност на детонантно согорување како смеса од 95 отсто изооктан и 5 отсто хептан.

Октанскиот број стручно се означува како RON, што е кратенка Research Octane Number – истражувачки октански број и се одредува лабораториски. Постои и моторен октански број, кој се одредува за секој мотор посебно. Октанскиот број не ја покажува чистотата на горивото, односно содржината на сулфур која се одредува според еколошките норми. Кога сензорот сместен на блокот на моторот ќе препознае детонантно согорување, управувачката електроника ги намалува аголот на палење и количината на вбризгано гориво. Но ако во автомобил кој користи 95-октански бензин сипеме 98 или 100-октански, управувачката електроника ќе подеси поголем агол на палење, со што ќе се зголеми силата на моторот за неколку отсто. Сите нови бензински мотори се опремени со вакви сензори кои го одредуваат моментот на појава на првите детонантни согорувања, кои најчесто се јавуваат при ниски вртежи и големи оптоварувања. Тогаш од моторот се слуша метален звук заради удирањето на клиповите и клипните прстени во ѕидот на цилиндрите, што може да предизвика тешки оштетувања и хаварија на моторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *