Tags:
Кај добриот возач ламелата трае подолго (видео)

Неколку важни совети за долговечноста на ламелата

» Стартувате ли нагло и често со шкрипење на гумите? Се поигрувате ли со педалата на спојката при чекање пред семафор? Префрлате ли од рикверс пред возилото целосно да застане? Со умерено возење без нагли тргнувања и спортски отсечно менување на степените на пренос значително ќе се продолжи животниот век на ламелата. На добар возач таа може да трае колку и автомобилот, а со неразумно однесување може да се уништи во само едно возење. Нејзината трајност е голем индикатор за тоа колку возачот е добар, затоа ако во вашиот автомобил таа издржи помалку од 80.000 km, би требало да го преиспитате вашиот стил на возење.

Прерано потрошената ламела покажува дека моторот и целиот преносен механизам биле изложени на зголемено оптоварување. Спојката ги овозможува воспоставувањето и прекинот на преносот на силата од моторот на погонските тркала, што е неопходно при тргнување и при менување на степените на пренос. Со притискање на педалата на спојката возачот ги раздвојува замаецот, ламелата и потисната плоча. Замаецот е поврзан со коленестото вратило на моторот, додека ламелата е поставена на вратилото на спојката и се врти заедно со него. Надолжните жлебови на крајот на ова вратило овозможуваат поместување на ламелата кон замаецот, која истовремено од другата страна е притисната од потисната плоча. Со притискање на педалата на спојката се намалува притисокот на потисната плоча на ламелата која се одвојува од замаецот прекинувајќи ја врската меѓу коленестото вратило и вратилото на спојката. И обратно, со отпуштање на педалата ламелата се доближува и прилепува до замаецот. Во моментот кога тие започнуваат да се допираат започнува нивно меѓусебно триење со што се создава сила на отпор која го пренесува вртежниот момент од моторот на менувачот. Додека тие не се целосно доближат и бројот на нивните вртежи не се изедначи преносот на силата се одвива со кинематичко, а после тоа со статичко триење. Секој циклус на одвојување и раздвојување на ламелата од замаецот предизвикува одредено нејзино трошење. За овој процес да биде што побавен и побезболен по трајноста на ламелата, потребно е внимателно ракување со спојката.

Затоа имајте го следново предвид:

  • спојката треба да биде исправно подесена и да започне да вклучува штом педалата се попушти за еден сантиметар
  • при секое менување на степените на пренос педалата на спојката треба да се притисне до крај
  • за време на возењето не држете ја ногата на педалата на спојката бидејќи ги зголемувате пролизгувањето и трошењето на ламелата
  • не тргнувајте со високи вртежи бидејќи непотребно го зголемувате трошењето на ламелата
  • педалата на спојката отпуштајте ја со чувство – и пребрзото и пребавното отпуштање го зголемува трошењето на ламелата
  • спојката не е сопирачка – после возењето наназад најпрво закочете, а дури потоа тргнете нанапред
  • ако застанете на исклучително голема нагорница, вратете се до рамен дел и од таму повторно тргнете
  • избегнувајте спортско возење и тргнување со шкрипење на гумите, бидејќи во само неколку возења можете да ја уништите ламелата

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *