И Бугарија има(ла) автомобилска индустрија
» Пред кратко време ви пренесовме вест за новата бугарска гордост наречена Alieno Arcanum, кој со своите 5.221 KS треба да нé однесе до месечината и назад. Што ќе се изроди од тоа допрва ќе дознаваме, но ако останеме на земјата ќе се сетиме дека до пред некое време во нашата соседна земја се „произведуваа“ возилата на Great Wall. Наводниците се тука затоа што тие всушност само се монтираа од компоненти пристигнати од Кина, но сепак да не се занимаваме со семантиката – битно е дека Бугарија имала автомобилска индустрија која засега многу подлабоко од кратката соработка со кинескиот производител. Ќе се обидеме да ви ја претставиме, започнувајќи од она што нам најмногу ни звучеше познато.
А тоа е Пирин-Фиат, за кој сигурно не сте слушнале. Но не грижете се, и во Бугарија многумина ретко слушнале – компанијата основана во 1966 година во Ловеч, по некоја случајна или намерна случајност истото место во кое беше фабриката на Great Wall, за пет години „произведе“ едвај 758 возила од моделите Fiat 850, 850 Coupe, 124 и 124 Familiare. Наводниците повторно се тука заради истата причина – возилата само се монтираа од делови произведени во Италија. За оваа неуспешна соработка со текот на времето се губи секаква трага – тоа што остана запишано во историјата е дека фирмата наречена Балкан која всушност беше дел од голем машински завод од тоа време, по сличен рецепт има произведувано уште и возила од марката Москвич под името Рила, и тоа сé до 1990-тата година, до кога се монтирани дури 304.297 возила.
Заборавени се и нивните обиди да конструираат сопствен автомобил – она што се памети е дека во Бугарија исто така во истата, очигледно плодна за тамошната автомобилска индустрија 1966 година, во Пловдив според истиот рецепт фирмата Булгаррено започна да ги произведува Renault 8 и 10, од кои за период од пет години колку што траеше соработката со францускиот производител, беа монтирани 6.540 возила. Значајно е и тоа што дел од нив беа извезени во Југославија, Австрија и некои блиско-источни земји, како и дека беа направени стотина примероци од спортското купе Alpine A110.
Амбициите Бугарија да има автомобилска индустрија продолжија и после падот на социјализмот, кога во 1995 година претпријатието Родакар од Варна започна со монтажа на тогаш веќе пензионираниот Austin Maestro. Но, и оваа иницијатива беше со краток здив – опстана само една година, за која беа произведени 2.200 возила. Поголем дел од нив беа извезени, дел и во родната им Велика Британија, како и во Франција, Шпанија, Уругвај и Аргентина, а 200 пристигнаа и во Македонија.
коментари: