Tags: , , ,
За пат до месечината и назад (фото галерија)

Вонземско чудовиште со 5.221 коњска сила

» Во 2018 година од тотално непознатата компанија Alieno од Бугарија пристигна вест која се рашири низ цел свет, па и подалеку. Во неа многу нешта го привлекуваа вниманието но едно најмногу – ветениот модел со ознака Arcanum ќе има ни повеќе ни помалку туку точно 5.221 KS и 8.880 Nm!

Оттогаш поминаа повеќе од две години и ништо не се слушна од селото сместено на подножјето на западните делови на Родопите на самата граница со Грција. Сé досега – Бугарите ја нацртаа и внатрешноста на своето вонземско чудовиште. Тоа се разбира е електрично, со по шест (со зборови: 6) електромотори на секое тркало, значи ги има вкупно 24, а место батерии има суперкондензатори во кои ќе складира доволно струја за поминување 1.020 километри со едно полнење.

Според зборовите на сопственикот на компанијата 36-годишниот Ахмед Мерчев, Alieno Arcanum треба да ги сруши сите претпоставки кои денес ги знаеме за ваквите автомобили, не само со перформансите (предвидената максимална брзина му изнесува повеќе од 488 km/h), туку и со технологиите. На пример, на надворешноста се распоредени дури 17 камери кои сликата ја прикажуваат на бројните екрани меѓу кои еден и на управувачот, но и четири интегрирани држачи за чаши на конзолата, од кои два за топли а два за ладни пијалаци. За сé да звучи пореално најавени се и „поскромни“ верзии со 4.351, 3.482 и 2.610 KS, чија цена ќе се движи од 750.000 до 1,5 милиони евра.

Не знаеме дали „пандемијата“ на вести за вакви ултра-супер-хипер автомобили е некоја ретка болест со прикриени симптоми, ама знаеме дека е силно заразна и од неа низ светот заболуваат доста луѓе кои имаат многу пари и малку памет да им веруваат. На сите ним им е понудено за 600 евра да си купат 0,001% од компанијата.

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *