Tags:
Старт-стоп систем – штеди гориво, но штети ли на моторот?

Дали да се исклучи старт-стоп системот?

» Скоро секој нов автомобил денес е опремен со старт-стоп систем за автоматско гасење на моторот при кратки стоења на семафор или во колона и негово повторно стартување. Кај автомобилите со класичен менувач моторот автоматски се гаси во празен од со отпуштање на педалата на спојката, а се пали со нејзино притискање. Со автоматски менувач доволно е само да се држи ногата на педалата на сопирачките, а со нејзино тргање моторот добива сигнал дека треба да стартува. Логиката е јасна – бидејќи моторот на автомобилот нема потреба да работи кога возилото не се движи, со неговото гасење се намалуваат потрошувачката на гориво и емисиите на штетни гасови.

Но постои и друга страна на медалот, заради што некои на возачите им советуваат да го исклучат старт-стоп системот и да возат без него. Нивните адути се дека за секое стартување на моторот се троши екстра количина гориво со што донекаде се поништуваат ефектите на штедење, како и дека зачестеното гасење и палење едноставно не е не здраво за него. Имено, во моторот се развиваат високи температури, а со неговото гасење се запира работата на пумите на системот за ладење и подмачкување, со што се предизвикуваат локални прегревања. Тоа посебно е штетно за турбо компресорите со кои се опремени поголемиот дел од современите мотори. Страната на која е турбината за издувните гасови кај дизелите се загрева до 950, а кај бензинските мотори и на повеќе од 1.000 степени целзиусови и се подмачкува и лади со протокот на моторно масло. Со гасењето на моторот дел од маслото останува во каналите во турбо компресорот и моментално изгорува, односно карбонизира. Заради него при стартувањето на моторот протокот на масло е отежнат, а во полоши случаи и блокиран, додека топлинските шокови можат да предизвикаат искривување на оската на турбо компресорот. Ова посебно е изразено кај постарите возила со старт-стоп системи од првите генерации, додека кај поновите, посебно поскапите возила, тој е поврзан со програмирани електрични пумпи за разладната течност и маслото. Плус на сето ова, постојаното гасење и палење на моторот ги малтретира електростартерот и акумулаторот, иако тие токму заради тоа се засилени.

Колку за информација, историјата вели дека првиот автомобил со старт-стоп систем е прототип на Toyota Crown од 1974 година. Полуавтоматски старт-стоп системи се имаат вградувано во 1980-тите години во Volkswagen Santana, Audi 100 и Fiat Regata. Кај нив возачот со копче го гасеше моторот, кој сам стартуваше со притискање на педалата за гас. Првите автоматски системи се појавија во 1985 година во Opel Ascona, додека помасовното сериското вградување започна во 2000-тите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *